ВМРО-ДПМНЕ апелира професионалците и во судската и во обвинителската фела да не подлегнуваат на притисоците и заканите од СДСМ

Владата на Зоран Заев не е реформска туку антиреформска, а нејзините први чекори не се нови проекти и реформи, туку најави за уривања, блокирања и укинувања, истакна на денешната прес-конференција Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во својата прва изјава како премиер, Зоран Заев побара првиот човек на Јавното обвинителство кое го гони за земањето поткуп од едно евро за Вицето да си даде оставка, потсети Илиоски и оцени дека станува збор за пример на „еклатантен притисок и заплашување“кон институцијата која треба да ги истражи криминалите за кои се сомничи токму Зоран Заев.

„Зоран Заев еднаш беше аболициран за криминал тежок 8 милиони евра од страна на Бранко Црвенковски, а втор пат награден од Катица Јанева со отфрлање на кривичната пријава против него за случајот ‘Пуч’. Зоран Заев не може да се помири со фактот дека надлежното Јавно обвинителство не сака да ги следи овие срамни примери и води постапки и за барањето поткуп, но и за изборните измами. За изборните измами Јавното обвинителство веќе влезе во Општина Струмица и одзеде бројни материјали кои може да послужат во натамошната постапка“, додаде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Илиоски, Заев е исплашен од овие постапки, од одговорноста за случаите како „Цареви кули“ и набавките во Општина Струмица и оти само поради тоа сека „да стави рака врз обвинителството“.

„Му треба гаранција дека на чело на институцијата ќе застане некој како Катица Јанева, кој нема да се дрзне да постапува против него. Тоа е основната причина поради која што владата вчера отпочна постапка за смена на Јавниот обвинител“, рече Илиоски.

Втората причина, продложи опзозицскиот пратеник, е класична одмазда врз институциите кои воделе постапки и против другите членови на владата на Зоран Заев, кои завршувале и со затворски казни.

Илиоски притоа потсети на медиумските извештаи од претходните денови во кои голем дел од лицата ангажирани во кабинетот на Заев покрај тоа што бил гонет за криминал, туку имало и судски пресуди против нив.

„Ова е причината зошто Заев преку медиумите под контрола на СДС се заканува и кон Советот за јавни обвинители и кон сите судии најавувајќи неуставен реизбор“, рече Илиоски.

Порача дека доколку Заев искрено е загрижен за реформи во судството треба првин да покаже почит кон судската власт и да се појавува на судските рочишта кои се водат против него по 11-те одложувања на судењето во случајот „Поткуп“.

„ВМРО-ДПМНЕ ги повикува професионалците и во судската и во обвинителската фела да не подлегнуваат на притисоците и заканите од СДС. Да работат стручно и професионално исклучиво според Уставот и законите“, рече Илиоски.

Антиреформите на Зоран Заев, истакна Илиоски, нема да го подобрат животот на граѓаните, како што нема да го подобри животот ниту личната пресметка на Заев со Обвинителството.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека граѓаните од новата Влада очекуваат минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари, ветениот економски раст од 5 отсто и изградба на нови 500 километри автопат, исполнување на ветувањата за брз влез во НАТО и ЕУ кој нема да биде на штета на македонските национални интереси.