ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да го прифати нивниот предлог за ваучери за компјутери за студенти

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека Владата предводена од СДСМ од доаѓањето не донела ниту една мерка во корист на студентите и не остварила ни едно од многуте ветувања. Затоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ одлучиле да поднесат предлог-закон за вредносни бонови – ваучери за компјутери со цел да им се подобри животот на студентите.

Предлагаат ваучерите да бидат за редовни студенти од семејства во кои месечните приходи не го надминуваат износот од две просечни месечни нето плати, односно 45.344 денари нето приход и кои првпат се запишани во трета и четврта година на студии на високообразовните установи во Република Македонија. Со предлогот на опозициската партија ваучери се предвидуваат и за студенти кои се лица со посебни потреби и студираат во Македонија.

Оливер Пап од ВМРО-ДПМНЕ денеска пред Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје го повика СДСМ да го прифати нивниот предлог.

„Време е владата на СДС да почне да се грижи за студентите, бидејќи за овој период видовме само кратење на буџети за изградба и модернизирање на студентските домови, за опремување на лабораториите кои се неопходни за усовршување на надоградување на нашето знаење, бидејќи ние сме иднината на оваа земја. Доколку СДС се грижи за потребите на студентите, апелираме да го прифатат овој предлог закон на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, изјави Оливер Пап.