ВМРО-ДПМНЕ бара увид во тоа што Заев договорил при посетата на Софија

ВМРО-ДПМНЕ се залагало и ќе се залага за добрососедски односи кои подразбираат взаемно почитување и поддржување, а истиот овој став сме го имале и ќе го имаме и кон Бугарија и кон Грција, и кон останатите соседи, рече во средата поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, Вељаноски, посочи дека она што како политички субјект ги „загрижува и згрозува“ е вчерашниот настап на премиерот Зоран Заев, цитирајќи го дека „испраќал порака дека Македонија затварала едно поглавје на историја на национализам и на омраза“.

„Која е таа историја на омраза и национализам што ја негувал македонскиот народ? Крајно срамно и недолично е да го обвиниш сопствениот народ за ширење на национализам и омраза. Македонецот никогаш не бил, ниту националист, ниту, пак, ширел омраза“, рече Вељаноски.

Рече дека ВМРО-ДПМНЕ е „крајно загрижена од нетранспарентноста и леснотијата“ со којашто Заев пристапи на едно исклучително сериозно прашање како што е склучувањето на договорот со Бугарија.

„Ова прашање задира во идентитетот и историјата на македонскиот народ и многу неодговорно е истото да се третира на ниво на секојдневна прес конференција и без сериозна анализа и без пошироки консултации да се најави потпишување на договорот кој експерти го работеа долго време и имаше многу отворени прашања по кои двете страни не може да најдат заеднички јазик“, додаде Вењаноски.

Оттаму, ВМРО-ДПМНЕ бара увид во тоа што Заев договорил при посетата на Софија.

„Македонскиот народ бара увид во содржината на договорот која што Заев се согласил да ја потпише. Ваквите теми кои задираат во идентитетот на македонскиот народ не се и не смее да бидат ексклузивен интерес, ниту на Зоран Заев, ниту на СДС. Овие теми се надпартиски“, оцени претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Вељаноски додаде дека за неговата партија е разбирливо соседна Бугарија да има свои интереси и нив да ги брани и застапува, но тоа што не може и не смее да се прифати е Заев самиот да одлучува за темите кои се од национален интерес, потетувајќи дека пред граѓаните челникот на СДСМ ветуваше инклузивност и дебата за многу понесуштински прашања.

„Република Македонија има сопствена историја. Ова е факт којшто не смее никој да се дрзне да го менува. Етногенезата на македонскиот народ е посебна и затоа е исклучително опасно да се говори за “заедничка историја. Дали изјавите на Зоран Заев околу заедничката историја значат дека македонскиот народ во минатото немал своја посебна? Дали е Заев свесен колку се опасни овие тези?“, запраша Вељноски посочувајќи дека прашањето за заедничката историја секогаш било една од најголемите пречки при постигнување на договорот со соседна Бугарија.

„Второто прашање кое исто така било камен на сопнување е прашањето за немешање во внатрешните односи на земјите. Имено, Бугарија инсистирала во договорот таа обврска да стои само за Република Македонија. Дали е ова прифатливо за Зоран Заев и СДС?“, прашаа уште еднаш од ВМРО-ДПМНЕ

Третото заначајно прашање што денеска го издвои Вељаноски е прашањето на јазиците на кои би се потпишал договорот. Потети дека ВМРО-ДПМНЕ инсистирало и ќе инсистира дека македонскиот јазик мора да биде експлицитно наведен, како јазик кој постои и е меѓународно признаен и кодифициран.

„Секој обид за градење на добрососедските односи мора да разбере взаемно почитување и признавање на посебноста, а не задскривање зад флоскули од типот ‘јазикот наведен во Уставот’“, рече Вељаноски..

Рече дека постоеле и постојат уште многу спорни прашања во договорот, почнувајќи од барањето за промена на учебниците, па до заедничкото одбележување на некои празници.

„Граѓаните во моментов немаат ама баш никаква информација што договорил Зоран Заев, што е срамно и неприфатливо. Единствено што знаеме е дека Заев договорил заедничка македонско-бугарска прослава на македонскиот национален празник Илинден на Мечкин камен“, забележа Вељаноски.

Појасни дека ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против странски високи претставници да го честитаат националниот празник.

„За нас нема ништо спорно високи гости да присуствуваат како гости, но мора да се знае дека Илинденското востание е автохтоно и македонско. Илинденското востание е кренато без ничија помош и истото е целосно автономно. Македонско е. На Илинден се удрени темелите на македонската држава. Секој друг обид поинаку да се претставува е обид за демакедонизација на Македонија“, заклучи Вељаноски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.