ВМРО-ДПМНЕ: Бегањето на Јанева од Собранието е бегање од себе и од обврската да поднесе Извештај

На овој начин госпоѓа Катица Јанева дозволува да биде разбрано дека таа не работи ниту според Устав, ниту според закони. Нема причина да се плаши и да не доаѓа во Собранието ако сите нејзини постапки се законски и се темелат на факти и докази. Бегањето од Собранието е бегање од себе и од обврската да поднесе Извештај, истакна на денешната прес конференција Владимир Ѓорчев, претседател на Комисијата за политички систем.

Интегрален текст од прес-конференцијата на Владимир Ѓорчев:

Со жалење можам да констатирам дека ова веројатно е прв случај во демократската и плурална историја на Република Македонија едно избрано или именувано лице да НЕ се појави и да НЕ го образложи Извештајот за својата работа и за работата на институцијата која ја раководи.

Денес, јас како Претседател на Комисијата за политички систем не добив НИКАКВО известување дека госпоѓата Катица Јанева не е во можност и дека нема да дојде на денешната седница, иако интересот кај пратениците е голем и очигледен.

Нејзиното денешно недоаѓање на седница на Комисија и нејзиното не давање известување или образложение дека нема воопшто да се појаваи е целосно непочитување на институциите на Република Македонија, на Собранието на Република Македонија. Најзначајно, ова е целосно непочитување на Уставот на државата.

Република Македонија е парламентарна демократија и сите избрани и именувани лица носат одговорност пред Собранието на Република Македонија. За жал денес госпоѓата Катица Јанева се стави и над Собранието и над Уставот на Република Македонија.

Да потсетам, пред ова Собрание еднаш годишно извештај за својата работа поднесува Претседателот на Република Македонија, еднаш месечно, на седница за пратенички прашања присуствува и дава одговори Премиерот со сите министри во Владата.

Секојдневно на нашите пленарни и комисиски седници присуствуваат и даваат одговори сите министри, заменици министри, државни секретари.

Пред ова Собрание и неговите работни тела извештај и одговорност даваат претседателите на Републичкиот судски совет, Советот на јавни обвинители, Народниот правобранител.

Пред ова Собрание извештај поднесуваат и сите амбасадори на Република Македонија.

Пред ова Собрание доаѓаат и поднесуваат извештај претставници на сите регулаторни комисии, органи и агениции.

Никој нема право да се стави над Уставот на државата и над Собранието на Република Македонија.

Очекував дека госпоѓата Катица Јанева е свесна за својата одговорност и свесна дека конечно мора да почне да работи врз база на законите и Уставот.

Жалам што денеска не ја искористи можноста да дојде пред пратениците, како избраници на граѓаните и да даде целосен и прецизен извештај за својата работа.

На овој начин госпоѓа Катица Јанева дозволува да биде разбрано дека таа не работи ниту според Устав, ниту според закони.

Нема причина да се плаши и да не доаѓа во Собранието ако сите нејзини постапки се законски и се темелат на факти и докази.

Бегањето од Собранието е бегање од себе и од обврската да поднесе Извештај.

Ве информирам дека седницата на Комисијата за политички систем ја закажав да се одржи утре во 11 часот во истата сала. Покрај тоа што веќе е упатена формална и писмена покана до госпоѓата Јанева, дозволете ми и пред очите на целата јавност да ја поканам и повикам да си ги исполни своите уставни и законски обврски и да биде присутна на утрешната седница.