ВМРО-ДПМНЕ: Бесмислено е да се споредува образованието во времето на СДСМ и денес

Паниката во редовите на СДСМ со потврдувањето на датумот за избори започнува да ескалира. Откако пропаднаа сите измислици на фабриките за афери на СДСМ со кои безглаво бегаа од соочување со волјата и судот на народот, јасно им е дека неизбежниот пораз е на пат, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, очајните обиди за прибирање трошки од масата со политички поени ќе се се почести и почести.

Денешната изјава на Петар Атанасов од СДСМ е токму во духот на традиционалните првосептемвриски пародии на тимот од Бихаќка. Вообичаено, пред јавноста мафтаат со мерки со кои нешто се укинува, прекинува, намаллува. Толку дозволува нивната креативност, знаење и отсуството на желба за подобар образовен систем.

Бесмислено е да се направи компарација на состојбите во образованието во времето на владеење на СДСМ и денес, затоа што не постоела идентична стратешка определба, тогаш и сега.

Ако за СДСМ најголем интерес беше криминалната приватизација и воопшто пустошењето на државата и граѓаните, ВМРО – ДПМНЕ посветува сериозно внимание за унапредување на сите општествени сфери. Особено на образованието кое било и ќе биде еден од нашите врвни приоритети. Тоа го потврдуваат фактите, за кои би сакале да го потсетиме Петар Атанасов и неговиот скандалозен лидер кој во текот на вчерашниот ден бесрамно упати политичка порака до најмалите.

Буџетот наменет за образование во изминатите години е зголемен за повеќе од 72%. Средства кои подеднакво се инвестираат како во унапредувањето на образовната инфраструктура, така и во унапредувањето на квалитетот на наставата.

Ако последен пат до 2006 година, ново училиште било изградено во периодот пред осамостојувањето на државата, за време на мандатот на Владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ изградени се 74 нови училишни објекти, додека повеќе од 400 се реконструирани и санирани. Изградени се и 55 училишни спортски сали.

Образованието до 18 годишна возраст стана задолжително, но и бесплатно. Веќе 8 години по ред обезбедуваме бесплатни учебници за сите ученици во основните и средните училишта, како и бесплатен превоз за учениците кои живеат на повеќе од 2,5 километри од училиштето. Овие трошоци во времето на СДСМ беа на товар на семејствата на учениците, на кои СДСМ им ветуваше најмалку по еден вработен, но спротивно на ветувањето, луѓето остануваа без работа и лични примања.

Учениците од прво до деветто одделение во основното образование по предметите од групата на природни науки и по математика учат по најсовремени учебници и наставни програми, зад кои стои најголемиот светски снабдувач со квалитетни учебници и програми кој е дел од универзитетот Кембриџ, а за кој Петар Атанасов тврдеше дека е “некоја си невладина организација“. Врв на незнаење и срам.

За наставниците се обезбеди еден континуиран раст на платите. Па така, од 2006 година до сега, најниската плата се зголеми за 119% додека највисоката за 67%. Повеќе од 9000 наставници кои работеа со договори на определено и чие достоинство беше урнисувано од СДСМ, добија трансформација на работниот однос, трајно вработување и стабилен приход.

Високото образование стана достапно за сите граѓани кои имаат желба за повисоко знаење и амбиција за факултетска диплома, за разлика од времето на СДСМ, кога можност за студирање имаа само децата на нивните партиски олигарсите. Значително ја намаливме и унифициравме партиципацијата за студирање, на некои факултети дури и петкратно е намалена. Дополнително, изграден е систем на стипендирање, кој нуди повеќе од 40 различни видови на стипендии, меѓу кои и за студирање на најдобрите 100 универзитети во светот. Буџетот за стипендии на СДСМ во 2005 година изнесуваше 235 милиони денари, а годинава 688 милиони денари, што значи трикратно зголемување на средствата за стимулација на студентите.

Набавени се 80 современи лаборатории со научна и апликативна дејност, кои се инсталирани на јавните научни и високо образовни установи, студентите добија најнова и современа литература од која се учи на најдобрите универзитети во светот. Се изгради нов студентски дом, а наскоро ќе започнат да се градат уште два други. Постојните се реновираат и опремуваат. Студентите добиваат читални. За СДСМ, студентскиот стандард беше непознат поим.

Денес науката се поддржува преку финансирање на билатерални научно истражувачки проекти, преку основање на Фонд за иновации и технолошки развој со почетен буџет од 10 милиони евра, преку доделување на научни и творечки субвенции, достапност на литература со меѓународен фактор на влијание, отвореност и достапност на бројни меѓународни програми како Еразмус Плус и Хоризонт 2020.

Оваа наша политика за развој на националното образование и за поддршка на знаењето на граѓаните ќе продолжи и во периодот што следи. Македонија нема друг ресурс од кој повеќе зависи севкупниот општествено економски развој. Програмата која ќе ја понудиме на претстојните избори ќе биде најобемната досега и уверени сме дека по 10ти пат ќе ја добие мнозинската поддршка од граѓаните.

Тоа е разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Но, паниката и очајот на Бихаќка си го прават своето и во страв од изборниот пораз кој е неизбежен, ќе следат вакви театри на апсурдот и во периодот пред нас. Стравот на СДСМ од казната која ќе ја добијат од народот е оправдан, меѓутоа казната е неизбежна.

11 декември е денот кога СДСМ со сета деструкција, манипулации и малтретирање на народот ќе замине во политичката историја.