ВМРО-ДПМНЕ: Брз СДСМ, слепи проекти

Проектот кој денес го понуди СДСМ е недоволно обмислен, задоцнет, депласиран, и со сериозни пропусти како во предвидените  начини за негова имплементација, така и во поглед на неговата евентуална незначителна корист за граѓаните, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

На Бихаќка брзајќи да одговорат било како на големиот проект „Купи куќа за млади“ кој вчера го најави премиерот Никола Груевски не успеале ни да пресметаат со какви бројки ќе излезат пред граѓаните, се додава во реакцијата.

Во продолжение го пренесуваме целиот текст интегрално:

Па така брзајќи СДСМ реши да тврди дека е подобра опција за граѓаните бидејќи ќе им нуди помош од 1.500 евра наместо до 33.000 евра кои може да се добијат со проектот „Купи куќа за млади“.

Набрзина стокмениот предлог е резултат на нервозата присутна во СДСМ, особено по проектот на Владата за младите до 35 години насловен „Купи куќа за млади“ кој дава реална, драматично голема поддршка на граѓаните кои имаат намера и потреба да се стекнат со свој дом.

Оваа реакција на СДСМ следи откако се покажаа за јалови сите обиди за намалување на вредноста на проектот преку лиферување на разно разни шпекулации и неточни информации околу лимитите на примања на потенцијалните корисници на проектот „Купи куќа за млади“, како и други бројни малициозни и погрешни информации кои само ја покажуваат нервозата во редовите на СДСМ.

Проектот на СДСМ кој веројатно до доцна синоќа бил надве-натри подготвуван на Бихаќка нема да биде од реална помош за граѓаните, затоа што освен некаква најавена но необразложена помош во комуналии која што само еден мал дел во вкупните трошоци за градба на куќа, потребни се и средства за градежен материјал за да таа куќа се изгради, потребни се средства за цигли, инсталации, покрив, керамиди, прозорци, врати, материјали за внатрешна изведба на проектот.

Сето ова не се гради без пари, а проектот кој го објави СДСМ не им нуди помош на граѓаните. Ова ја покажува наопачки поставената политика на СДСМ која е нивна препознатлива карактеристика и начин на делување.

Ај што нема СДСМ проекти со кои може да се пофали, ај што е против проектите кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ и кои реално го подобруваат животот на граѓаните, туку и новите проекти кои СДСМ ги предлага од комотната позиција на опозиција која може дури и да претерува со ветувањата, се оскудни и потценувачки за интелигенцијата на граѓаните.

Доколку СДСМ на луѓето кои се невработени или хонорарци и не се квалификуваат за кредит им нуди 1.500 евра за комуналии, мистериозно е како овие луѓе ќе најдат пари за макар да ја започнат изградбата на куќата.

Ова луѓето кои имаат по неколку куќи, викендички и еден куп станови – не го знаат. Мултимилионерите од СДСМ никогаш не се соочиле со ваквата проблематика. Заев ги знае комуналиите на морските крајбрежја каде гради хациенди. Шеќеринска му плаќа комуналии на својот сопруг со кого си ги издаваат меѓусебно 4-те стана. Шилегов од комуналии знае да го сокрие својот имот и начинот како со просечна плата се гради 3-катна куќа во Скопје.

Логично е што СДСМ понуди незначително ослободување од комуналиите, бидејќи главниот интерес на СДСМ се токму комуналиите чија цена Зоран Заев ја одредува од око, а верниот Вице е тука да ја наплати.

Наспроти ова, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нуди реална и конкретна помош за изградба на куќа за млади и во зависност на моделите субвенциите се во висина од 80% од месечната рата во период од 8 години и 50% од средствата за месечната рата во период од 3 години по овие 8 години, или пак во висина од 100% од средствата за учество во кредитот за стекнување на куќа.

Дополнително Владата веќе објави дека на општините кои ќе изработат и спроведат детални урбанистички планови со кои се предвидуваат парцели за изградба на најмалку 100 куќи ќе им помогне со плаќање на дел од комуналиите во сразмер кој дополнително ќе биде определен и договорен.

Друг пат кога во СДСМ ќе предлагаат било какви проекти им предлагаме детално да се консултираат со градежници, аритекти, урбанисти, а пред се со граѓаните, и притоа да предложат проект во вистинска смисла на зборот.

Брз СДСМ, слепи проекти.

Овој брзоплет памфлет кој денес СДСМ го презентираа покажува колку СДСМ се отуѓил од сопствениот народ.

А народот ќе посведочи за тоа за само 127 дена. Десетти пат по ред. Нема бегање од поразот за СДСМ на 24 април.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.