ВМРО-ДПМНЕ: Целата постапка за изградба на новиот објект е легална и транспарентна

Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, во недостаток на конкретни проекти од интерес на граѓаните, се обидува на очаен начин да добие медиумско внимание. Тој манипулира во јавноста со цел да го прикрие своето неработење и својата неспособност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Следува интегрален текст од реакција на ВМРО-ДПМНЕ:

Жерновски преку ваквите медиумски циркузи сака да се испере за аферите во кои се заглави со прескапата шминка на Боемската улица, бизнисот со бензиската пумпа на местото на пазарчето Буњаковец и последната епизода со приватниот спор на две приватни лица за рушење на дивоградби на Водно во кој се обиде да ја вмеша Владата.

Вистината е следната.

Прво, целокупната постапка околу изградбата на новиот објект на ВМРО-ДПМНЕ од избор на инвеститор, па се до ден денес се врши легално и транспарентно, а за тоа постојат и уредни документи. Партијата за секој чекор ја информираше јавноста преку детални информации.

Второ, дури и постапката за добивање на употребна дозвола за објектот од страна на инвеститорот е направена во рокови кои се пропишани и за овој објект.

Трето, ќе повториме дека Објектот сеуште не е ставен во функција, а ВМРО-ДПМНЕ својата работа ја извршува во привремениот штаб.

Дека се работи за ниска медиумска манипулација говорат фактите дека Жерновски, според нашите информации, нема официјално побарано никаков увид во објектот до ниедна од споменатите институции во неговиот прес.

Исто така Жерновски ја доведува јавноста во заблуда, бидејќи во законите не се предвидува заеднички увид на објекти на спометнатите институции.

Жерновски или не ги знае законите или свесно манипулира.

Ова ги разоткрива лагите на Жерновски.

Неговата ниска игра е толку провидна и безобразна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.