ВМРО – ДПМНЕ: Часовникот отчукува, нетрпеливо го чекаме 24-ти април

Десеттата јубилејна победа за ВМРО-ДПМНЕ и 10-тата јубилејна нула на СДСМ која им е јасна како ден и на Заев и Шеќеринска е причината поради која во недостиг на суштина, СДСМ се бави со небулозни манипулации кои народот не ги купува. И затоа ги казнува. Часовникот отчукува. Нетрпеливо го чекаме 24-ти април, порачаа денес од владејачката ВМРО – ДПМНЕ.

Во продолжение интегрален текст од соопштението на ВМРО – ДПМНЕ:

Како што се ближи 24-ти април кога ќе дојде крајот на деструктивните кампањи и политики на СДСМ, кај нив ама апсолутно ништо не се менува.

Стандардно и очекувано, СДСМ уште еднаш се јави со соопштение чија содржина е иста како и нивните економски резултати досега и проекти планирани за иднината: нула.

200.000 граѓани останаа да живеат со нула денари на ден откако СДСМ ги отпушти од работа. Бројот на странски инвестиции, бидејќи за СДСМ секогаш личните интереси биле пред партиските, во нивно време е нула. Затоа и бројот на изборни победи во последните 9 изборни циклуси за СДСМ е чиста заслужена јасно доставена од народот – нула.

Доволно е граѓаните да погледнат во фрижидерот на нивните лидери за да видат кои точно луѓе ќе им ја враќаат средната класа. Оние лидери како Заев кој на своите вработени им плаќа минималец додека грлато тврди дека минималецот не е доволен, или оние водачи како Шеќеринска кои имаат пет фрижидери, по еден за секој стан кој го поседуваат.

СДСМ треба да ги погледне фрижидерите на трите илјади Струмичани кои Заев вети дека ќе ги вработи во 300-те погони во трите индустриски зони во Струмица и нив да им објасни дека затоа што економскиот капацитет на СДСМ е нула, сега ќе бидат вработени по заслуга на ВМРО-ДПМНЕ и Џонсон Контролс.

На истите илјадници струмичани на кои Заев им вети работа во економските зони, а вработи нула од нив, ќе треба да им објасни и дека затоа што нему не му е приоритет тие да се вработат туку тој да дојде на власт, ќе лаже и манипулира дека ВМРО-ДПМНЕ не носело инвестиции и вработувања. Ќе ги убедува дека постојат неговите ветени и нереализирани 3.000 вработувања, а дека се лажни 1.500-те нови работни места кои ќе се отворат во Струмица со инвестицијата која ја потврдија од Џонсон Контрол.

Заев ќе треба да им објасни на луѓето и дека не постојат 50-тината странски инвеститори, како на пример: Кромберт и Шуберт во Битола, Џонсон Контролс во Штип и Струмица, Ван Хол, Амфенол во Кочани, Кемет електроникс, Витек, Маккарт во Велес, ОДВ електрик во Охрид, Гентерм во Прилеп, Техникал Текстајл во Штип, Антура во Кочани, Ендава, КСС во Кичево, Кофикаб, Ејпленд во Ресен, Гришко во Демир Хисар и уште десетици други производствени погони низ цела Република Македонија, туку дека постојат само лагите и манипулациите на СДСМ бидејќи она што тие имаат да им го понудат на граѓаните е исто како она што Заев им го вети и реализира на своите струмичани – НУЛА.

Во СДСМ велат дека „граѓаните не можеле да се изначудат што слушаат“. СДСМ да имаше капацитет да го слуша народот и неговите потреби, немаше да биде дрско казнуван од истиот народ 9 изборни циклуси по ред.

СДСМ има само капацитет да слуша гласови и да живее во свој свет во кој граѓаните се чуделе на 140-те илјади нови работни места, пораст на БДП од 5 милијарди во 2005-та на 8,53 милијарди евра во 2014-та и на 9000 нови вработувања само преку „Македонија Вработува“. Во светот на СДСМ граѓаните не се чудат, се крстат и исмеваат со кадровите решенија на СДСМ за министерствата кои им се доверени.

Но, во реалниот свет правилата се поинакви и казната стигнува секогаш. Во реалниот свет СДСМ се чуди како е можно тие да ветуваат и да не реализираат, па затоа да мора да лажат и манипулираат, а ВМРО-ДПМНЕ да реализира ветувања и да создава нови работни места. Во реалниот свет СДСМ гласот на народот ќе го доживее на 24-ти април.

10-тата јубилејна победа за ВМРО-ДПМНЕ и 10-тата јубилејна нула на СДСМ која им е јасна како ден и на Заев и Шеќеринска е причината поради која во недостиг на суштина, СДСМ се бави со небулозни манипулации кои народот не ги купува.

И затоа ги казнува. Часовникот отчукува. Нетрпеливо го чекаме 24-ти април.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.