ВМРО-ДПМНЕ: Цврсто стоиме зад проектот „Екстерно оценување“

Како Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ цврсто стоиме зад проектот „Екстерно оценување“ бидејќи силно веруваме дека тоа значително ќе придонесе за подобрување на квалитетот на основното и средното образование, како и за објективно и реално отсликување и оценување на знаењето кое го стекнале учениците во основните и средните училишта, се вели во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Интегрален текст од изјавата:

Пратеничката група на СДСМ како резултат на својата немоќ и недостаток на идеи за решавање на проблемите на граѓаните, повторно се заканува со својата деструктивна и губитничка политика на укинување и блокирање на позитивни проекти и реформи.

Пратениците од СДСМ наместо да дојдат на работа и да учестуваат во работата на Собранието и преку корисни дискусии и дебати заедно да ги решаваме проблемите на граѓаните и да ги подобруваме постоечките законски решенија, денес тие повторно прочитаа празно соопштение напишано од Заев и Шекеринска во врска со новините за процесот на екстерното тестирање.

Провидно, несериозно и веќе познато губитничко сценарио на СДСМ од кое трпат само граѓаните на Репбулика Македонија.

Ние не сакаме и нема да бидеме дел од ова погубно сценарио на СДСМ и затоа нема да отстапиме од нашата заложба преку разни позитивни проекти и реформи да ги решаваме проблемите на граѓаните.

Како Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ цврсто стоиме зад проектот „Екстерно оценување“ бидејќи силно веруваме дека тоа значително ќе придонесе за подобрување на квалитетот на основното и средното образование, како и за објективно и реално отсликување и оценување на знаењето кое го стекнале учениците во основните и средните училишта.

Со измените и дополнувањата на двата закони се воведува дополнителен додаток во кој што ќе се наоѓаат резултатите од екстерното оценување и истите нема да влијаат врз општиот успех на ученикот. Истовремено, се врши промена на започнување на процесот на екстерното оценување кое што наместо од 4-то, ќе започне од 6-то одделение. Се воведува новина со која што ќе се овозможи на Државниот испитен центар да воведе апликација со пробни тестови преку кои учениците ќе може да вежбаат и да се подготвуваат за екстерното оценување. Исто така, со овие измени се предвидуваат и парични награди во износ од 50%, 40% и 30% од просечната нето плата во Македонија за ученици кои што ќе освојат некое од првите три места на меѓународни натпревари, но и за наставниците кои што ги подготвувале учениците за натпреварот.

Токму затоа, ние како пратеници ќе продолжиме да се бориме за реализација и спроведуваање на овој проект бидејќи токму објективноста во оценувањето на учениците од страна на професорите беше и сеуште претставува голем проблем во образовниот процес.

Затоа, ние сме сигурни дека со новите измени ќе допринесеме за надминување на ваквите појави во образовниот процес бидејќи токму објективноста и реалното оценување на учениците е еден од столбовите кој го стимулираат ученикот и понатаму да продолжи да учи и да се надградува.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.