ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност пред граѓаните

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност пред граѓаните и активно да се вклучи во реформските процеси, порача во понеделникот владејачката партија СДСМ во вторникот, отфрлјаќи ги како „целосно неосновани“ тврдењата на најголемата пратеничка група во Собранието дека нема услови за негово демократско функционирање.

Претходно во вторникот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Собранието порача дека пратениците на оваа партија и натаму нема да учествуваат во работата на парламентот, како израз на револт од начинот и притворот на пратеници од најбројната пратеничка група во врска со настаните од 27-ми септември, за кои оцени дека се незаконски.

„Со промените по изборот на новата демократска Влада, спроведувањето на реформите и новите политики, започнати се процесите за Собранието да биде вистински храм на демократијата и да работи исклучиво во интерес на сите граѓани. Во во тие демократски процеси, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да даде придонес, а не да ги блокира“, се наведува во писмената реакција на СДСМ.

Владејачките социјалдемократи, натаму наведуваат дека „граѓаните и целокупната јавност од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат конечно да се ослободи од политиките на поделби, блокади и деструкции и да земе активно учество во спроведувањето на зацртаните реформи“.

Бараат исто така, ВМРО-ДПМНЕда покаже одговорност пред интересите на граѓаните и државата и конструктивно да се вклучи во реформските процеси што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, што истовремено е врвен државен и национален интерес.

„Новото време на соработка, заедништво, пријателство и напредок ги отвора можностите за развој на Македонија како едно демократско општество во кое сите граѓани ќе бидат еднакви кон правата и кон обврските“, се додава во партиското соопштение.