ВМРО-ДПМНЕ: Дали Заев го информираше Јункер за политичката тортура која се спроведува во државата

ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува заложбата на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за интегрирање на Република Македонија во Еверопската унија, но порачива дека владејчката партија и премиерот Зоран Заев не може да зборуваат за реформи кога спроведвуа политичка тортура врз неистомислениците, се наведува во реакцијата на опозицската партија на искажаното од премиерот на заедничката прес-конференција во неделата во Скопје.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека партијата останува силно посветена на европската интеграција на земјата, истакнувајќи дека интеграцијата во ЕУ е единствена шанса за Македонија за економски и општествен раст и развој, рамо до рамо со развиените држави од Европа.

„ВМРО-ДПМНЕ останува силно на заложбите за демократска Република Македонија во која принципот на владеење на правото ќе се почитува од сите институции. Дејствијата на власта и нејзината досегашна работа не се во согласност со европските вредности. СДСМ и Зоран Заев не можат да зборуваат за реформи, кога по 9 месеци немаат реализирано, ни 50% од планот 3-6-9. Наместо посветеност на реформските процеси, власта се насочи кон креирање на штетни договори, неуставни закони и расипничко трошење на парите на граѓаните“, се вели во реакцијата.

Опозицијата го поставува прашањето дали Заев го информирал Јункер „за политичката тортура која се спроведува во државата, неоснованите притвори и монтираната истрага против десетина лица за тероризам„.

„Го информираше ли Заев својот соговорник дека Република Македонија е единствената држава на тлото на Европа во која има политички затвореници? Дали Заев го информираше господинот Јункер, дека во Република Македонија сопственици на медиуми се осудуваат на затвор заради новинарски текстови? Јавноста се прашува дали Заев го запозна својот соговорник со непотизмот кој царува во неговата влада и институциите со кои раководат кадри на СДСМ“, се додава.

Опозицската партија притоа предупредува СДСМ и Заев со своето дејствување ги загрозуваат демократијата и правната држава.

„Декларативните заложби за демократија не се доволни. Република Македонија има потреба од слободна држава во која владеењето на правото е единствен принцип по кој се водат сите“, се заклучува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.