ВМРО-ДПМНЕ денеска на протест пред затворот во Шутка

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ утринава повторно побара ослободување од притвор на сите обвинети за насилството во Собранието на 27 април и најави дека попладне во 16 часот ќе организира протест пред Истражниот затвор во Шуто Оризари.

„Македонија е единствената земја каде се врши политички прогон на неистомисленици и апсење на пратеници. Власта ги крши основните човекови права и монтира обвиненија за тероризам против 36 македонски патриоти само затоа што си ја сакаат државата.

Хунтата на власт ја зароби правната држава и правосудните органи ги користи како средство за политички прогон на неистомислениците. Се притвораат уметници, актери, режисери, архитекти, припадници на полицијата само затоа што не се согласуваат со политиките на Заев и СДС“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека о, како што велат, неззаконие ќе биде запрено и казнето, а сите учесници во уништувањето на правната држава и уставниот поредок ќе одговараат пред законите. Демократијата и правната држава, според ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидат вратени.