ВМРО-ДПМНЕ: Десеттиот пораз по ред за СДСМ е закажан за 24. април

СДСМ уште еднаш покажува дека е опериран од срам, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од реакција на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ, кое се однесуваше на заменик премиерот Владимир Пешевски.

Кога СДСМ зборува за Крива Паланка, градот кој СДСМ го претвори во слепо црево, во кој ги затвори сите големи производствени погони, а илјадници луѓе остави на улица, тогаш најтешко и’ е на логиката.

Грижата на СДСМ за Крива Паланка одлично ја отсликува и фамозната железничка пруга кон Бугарија најавена во 1994 година, која како и многу други капитални дела на СДСМ – НЕ ПОСТОИ.

Постојат само столбовите за несудената пруга да бидат споменик на работата на СДСМ и потсетник за граѓаните дека за СДСМ секогаш интересите на врвот на партијата биле пред државните, односно дека кредитот кој ќе се земе за пруга не мора да се потроши за пруга, туку за луксузирање на раководството на СДСМ.

Кривопаланчани тоа добро го знаат и го паметат. Исто како што знаат дека ВМРО-ДПМНЕ создаде 150,000 работни места, а СДСМ создаде армија од 200.000 стечајци.

Кривопаланчани и цела Македонија добро знае дека ВМРО-ДПМНЕ привлече стотици нови инвеститори, додека СДСМ бркаше инвеститори и за себе ги приватизираше фабриките. ВМРО-ДПМНЕ гради 4 автопати, а СДСМ ниту еден. Изградени се стотици километри регионални патишта во време на ВМРО-ДПМНЕ, а во време на СДСМ не беше поставен ниту километар асфалт.

Им порачуваме на СДСМ да не се грижат. Сите ветени инфраструктурни проекти ќе се реализираат, како и досега. Бидејќи тоа е начинот на кој работи ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ преку Светска Банка обезбеди пари за експресниот пат Ранковце-Крива Паланка кој наскоро ќе се гради, а СДСМ не обезбеди ниту денар за патиштата во источна Македонија. За СДСМ секогаш економската политика „Евро за Вицето“ била водечка во врвот на партијата.

Граѓаните паметат дека СДСМ со сите сили работеше да го затвори рудникот Тораница, а ВМРО-ДПМНЕ го отвори и ќе најде нов инвеститор за да продолжи со работа.

И покрај предизвиците, Веибо сепак вработи над 500 луѓе од Крива Паланка и планира да го зголеми бројот на 1000. СДСМ не донел ниту еден единствен странски инвеститор во овој крај макар на туристичка прошетка, а камо ли кога станува збор за инвестирање. СДСМ има нула инвестиции насекаде низ Македонија.

Владимир Пешевски е дел од тимот кој работи деноноќно во реализација на овие и стотици други позитивни проекти за граѓаните, додека кадрите на СДСМ работат деноноќно само на дестaбилизација на земјата во интерес на неспособното партиско раководство.

Тоа е нивната болка, тоа се нивните нули за Македонија кои им лежат на совеста па сакаат да ја исперат на најпогрешен начин, со бесрамно лажење и со манипулации. Но, бегање од совеста нема. Нема бегање ни од избори. Нема бегање од соочувањето со народот и народната волја како врв на демократијата.

Денот за казната на СДСМ се ближи. Десеттиот пораз по ред за СДСМ, за деструктивниот и манипулаторски СДСМ, е закажан за 24 април.