ВМРО-ДПМНЕ: Додека праските на македонските производители скапуваат, се увезуваат од соседството

Владата на СДСМ ја има одговорноста да се грижи за граѓаните на Република Македонија и таа не смее да ги игнорира секојдневните проблеми на земјоделците, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од средата.

Се потсетува дека земјоделците последниот период се соочуваат со сериозниот проблем особено со откупот на праските и ситуацијата е алармантна.

„СДС наместо да држи празни прес-конференции нека излезе со сет реални мерки за да им помогне на земјоделците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и потсетуваат дека земјоделците поради важноста на оваа гранка секогаш биле приоритет за владите предводени од оваа партија.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ сега од СДСМ бараат итно да преземат четири основни чекори, кои ги прецизираат како:

Прво, да се зголемат субвенциите за поддршка за одржување на овошните насади за 2017 година, најмалку 50 отсто.

Второ, државата да се вклучи во пронаоѓање на нови пазари за извоз на праски.

Трето, додека македонските праски скапуваат имаме информации дека се увезуваат преку 1.200 тони евтини праски од соседството. Државата итно да се вклучи во заштита на македонските земјоделски производи.

Четврто ја повикуваме Владата да излезе итно со одлука за 100 отсто обесштетување на штетите кај овоштарите. Вакви мерки беа носени во минатото со цел на земјоделците да им се излезе во пресрет и да им се помогне во надоместување на штетата.

„Ова се мерки кои вистински ќе им помогнат на земјоделците. Земјоделците очекуваат новата влада на СДС да ги решава проблемите со кои се тие соочуваат, наместо СДС да спроведуваа антиреформи.На земјоделците им е потребна континуирана грижа и реални мерки, а не залажување со неефективни мерки. Граѓаните на Република Македонија ги очекуваат и другите предизборни ветувања од СДС, очекуваат минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари. СДС треба да им каже на граѓаните до каде се новите 500 километри автопат кои им ги вети“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните се во исчекување Владата на СДС да им исплати по 30.000 денари со поврат на 15% од потрошеното ДДВ, што беше едно од носечките ветувања во програмата на СДС.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.