ВМРО-ДПМНЕ: Државниот интерес е најважен и ние ќе се однесуваме одговорно кон граѓаните

Во врска со наводите поврзани со некакво фалсификување на Договорот за јавното обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ ја информира јавноста дека истите ги демантира во целост и ги отфрла како груби невистини и шпекулации.

Интегрален текст од демантот на владејачката партија

Сакаме да нагласиме дека законот се пишуваше во присуство на претставниците на сите партии и со согласност и поддршка од сите партии, со што е комплетно неточно тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ сама го правела законот.

Шпекулациите поврзани со оваа тема ВМРО-ДПМНЕ ги гледа во контекст на лични несогласувања во рамки на некои од партиите кои јавно го поддржаа  и изгласаа законот и нема намера да се меша во нечии агенди, кои демонстираат неодговорно однесување и се обид за дефокусирање од вистинската цел на законот, а тоа е дознавањето на целата вистина.

Обидите за дефокусирање од вистинската цел на законот стануваат и појасни и посмешни преку фантазиите за наводни несогласувања или нечие исклучување во рамките на преговарачкиот тим на партијата. Но, тоа го оставаме на нервозата на авторите на тие фантазии.

ВМРО-ДПМНЕ останува целосно посветена на имплементација на договореното и продолжува во конструктивен дух да дава свој придонес во политичкиот дијалог, а  во интерес на граѓаните на Република Македонија, давајќи притоа целосна поддршка на преговарачкиот  тим од нашата партија. За ВМРО-ДПМНЕ државниот интерес е најважен и ние ќе се однесуваме одговорно кон нашите обврски кон државата и граѓаните.