ВМРО-ДПМНЕ е јасен победник на изборите

Победник на овие избори е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Подобра Македонија“. Во однос на изборните резултати кај победникот може да се забележи континуитет во поддршката, традиционален и стандарден електорат кој е видлив на сите досегашни изборни циклуси. Варијацијата плус минус 20-30.000 гласа е нормална ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е десет години на власт. Ова се коментарите на политичките аналитичари, по соопштувањето на конечните изборни резултати од страна на ДИК, според кои ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија се победници на предвремените парламентарни избори со освоени 51 мандат.

Предвремените парламентарни избори завршија во делот на гласањето, вели универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска, додавајќи дека следна фаза која веројатно ќе се отвори е фазата на поднесување приговори до ДИК по однос на евентуално констатирани нерегуларности во делот на пресметување на изборните резултати, како и фазата на поднесување тужби против решенијата на ДИК до Управниот суд.
Но според неа, како што вели, онаа најважната, одлучувачката фаза во која се утврди изборниот победник заврши и потенцира дека постапката по приговори и тужби не може да го промени изборниот резултат во однос на тоа кој е изборниот победник.

„Очекувано е да има одредени незадоволства кои на избори се артикулираат преку благо намалување на бројот на гласовите во споредба со изборите од 2014 година. Што покажа оваа константа од изборни резултати добиени за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата? Ги извади на површина сите лаги и манипулации со кои тандемот Заев-Шеќеринска ја внесоа Република Македонија во вештачки наметната политичка криза. Се разобличија лагите за постоење на фантоми во избирачкиот список кои наводно се злоупотребувани од страна на победничката партија за да ги билда изборните резултати. Се виде дека од сето тоа нема ништо. Се виде дека ВМРО-ДПМНЕ навистина има мнозинска поддршка од македонските граѓани и дека сите досегашни победи се заслужени, а не наместени, како што не убедуваа луѓето од СДСМ. Ако на бројката добиени гласови се надодадат и гласовите што ги освои партијата на Љупчо Георгиевски, како и бројката на неважечки гласачки ливчиња на кои бил заокружен бројот 1, може да се констатира дека повеќе од половина милион македонски граѓани имаат конзервативна политичка определеност“, посочува Каракамишева-Јовановска за Нетпрес.

tanja-karakamiseva
Проф. Тања Каракамишева Јовановска

Според неа, најважно за овие избори е тоа што граѓаните успеале да го прочитаат и да го разобличат опозициското лажно сценарио. „На овие избори исплива на површина и лажната политичка реторика и грдото сценарио на СДСМ за наменско, лицемерно привлекување на албанските гласачи кон себе. Сценарио кое оди на директна штета на националните интереси на државата, бидејќи дадената поддршка не беше искрена и поради идеолошки причини дадена, туку таа беше буквално купена. Заев и Шеќеринска во координација со странскиот стратег ги подметнаа националните интереси во системот на политичко пазарење. Нешто што ниту една партија, ниту еден лидер не смее ниту да помисли да го направи, го направи Заев“, смета универзитетската професорка. Зголемената поддршка на СДСМ на овие избори, според Каракамишева Јовановска, е резултат на албанските гласови кои практично се одлеаа од традиционалниот албански блок партии.

„Неофицијално се зборува за многу пари дадени на албански гласачи за да ја поддржат СДСМ на овие избори. Такви методи на изборен поткуп се видени и кај одреден број македонски гласачи кои примиле поткуп за да гласаат за СДСМ. На овие избори практично се воспостави нов политички преседан за македонска партија да гласаат огромен број албански гласови. Проценката е дека нешто над 70.000 гласа за СДСМ се од албански гласачи кои гласале претежно во руралните средини околу Скопје. Арачиново, Сарај, и во други населени места каде традиционално Албанците гласаат за албанските партии, овие избори го дадоа гласот за СДСМ“, вели Каракамишева Јовановска.

Таквиот пресврт, според неа е резултат на антинационалната реторика на Заев пред и за време на изборната кампања.

„Калкулациите на странскиот планер и на домашните извршители се дека на СДСМ му недостасуваат нешто околу 160.000 гласа за да го престигне ВМРО-ДПМНЕ на терен, и дека за да се придобијат тие гласови Заев ќе треба да ги отвори и да ги стави на маса најважните прашања за државата. Токму затоа Заев форсираше кампања која и самиот беше свесен дека или ќе му донесе победа, или ќе мора да замине од политичката сцена. Коцкарската кампања му се врати како бумеранг. Прво, уште еднаш ваква албанска поддршка Заев нема да добие ниту на сон. Второ, уште еднаш волку многу пари нема да може да ги истура на разно-разни места за изборни цели. Трето, со истите тези и истите фрази Заев веќе нема да може да игра на ниту едни избори. Изборниот пораз што СДСМ го доживеа на овие избори треба да биде јасен сигнал до оваа партија дека ваква политичка авантура веќе не врви, и дека на наредните избори СДСМ ќе мора да се појави пред граѓаните со сериозна политичка и економска програма која нема да ги злоупотребува интересите на државата, туку ќе оди во нивна полза“, посочува Каракамишева- Јовановска во изјавата за Нетпрес.

Во следниот период, подвлекува таа, ќе мора да се направат сите напори за организирање политичка Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, како најголем победник, и ДУИ како победник на изборите во делот на албанскиот електорат, со мнозинство од 61 пратеник и дека таквата влада би била најдобрата опција за државата.

“Оваа политичка влада ќе има мнозинство од 61 пратеник, и е многу подобро решение од она што го притискаат странските сценаристи преку СДСМ за „формирање на некаква супер широка влада“ во која место треба да има за сите поголеми партии кои освоиле одреден број мандати. Секако во таа широка Влада само ВМРО-ДПМНЕ би била партијата која ќе ги штити македонските национални интереси. Од другата страна би се нашле чисто албанските партии и една проалбанска партија (СДСМ) на која повеќе не може да и се верува барем кога станува збор за државните интереси. Ваквата Влада не е добро решение за државата. Ваквата влада не може да има подолг век на траење. Во принцип ваков тип на влада има краткотраен мандат. Таа се формираа пост-конфликтно, најчесто после граѓанска војна или друг вид граѓански или етнички немири со цел да се вратат политичките процеси во нормала и да започне нормалното функционирање на политичките институции заради создавање предуслови за организирање нови избори на кои ќе треба да се избере стабилна власт“, посочува универзитетската професорка.

Таа смета дека граѓаните на Република Македонија после вештачки наметната политичка криза не сакаат уште еден експеримент, односно некаква супер широка влада која ќе внесе уште поголема криза во земјата. Појаснува дека политичката влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе има далеку поголема можност за континуитет и каква таква стабилност на политичките институции во споредба со, како што вели, некоја супер широка коалиција во која секоја партија ќе си биде супер широка власт сама за себе.