ВМРО-ДПМНЕ: Единствена цел на СДСМ е да ја наруши финансиската стабилност на Македонија

Единствена цел на СДСМ е да ја наруши финансиската стабилност и финансиските текови во Република Македонија според мотото „колку полошо за Република Македонија и нејзините граѓани, толку подобро за СДСМ“, се вели во соопштението што денес ВМРО-ДПМНЕ го упати до јавноста.

Интегрален текст од соопштението:

СДСМ продолжува со обидите за финансиски тероризам оркестриран од страна на аболицираниот криминалец Зоран Заев и неговата дружина врз граѓаните на Република Македонија.

Единствена цел на СДСМ е да ја наруши финансиската стабилност и финансиските текови во Република Македонија според мотото „колку полошо за Република Македонија и нејзините граѓани, толку подобро за СДСМ“.

За таа цел СДСМ прави уште едно финансиско злосторство со обидот преку закани, лаги и невистини да го блокира издавањето на еврообврзницата, која е вообичаен начин на финансирање на секоја европска држава.

СДСМ цело време очајно се обидува да изврши упад во финансискиот систем со намера да ги спречи инвестициите во градинки, училишта, патишта, болници, отворање на нови работни места и други проекти од кои бенефит имаат сите граѓани на Република Македонија.

СДСМ ова го прави бидејќи не сака просперитетна Македонија, туку Македонија каква што СДСМ ја остави зад себе – во пустош, со нула инвестиции и рекордно високо ниво на невработеност. Парите со кои располагаше СДСМ испарија во џебовите на партиските функционери и не беа вложени во ниту една капитална инвестиција.

Аболицираниот криминалец Зоран Заев и неговите послушници неодамна им нанесоа штети во вредност од милиони евра на македонските граѓани преку ширење на лаги од фабриките за афери за наводна девалвација на денарот. СДСМ свесно креираше паника и ги натера граѓаните без постоење на објективни причини да ги повлекуваат заштедите и да изгубат огромни средства на име на камати.

Аболицираниот криминалец Зоран Заев повторно без никаква причина, со ширење на лаги се обидува да и нанесе штета на Република Македонија и преку пласирање на дезинформации за еврообврзницата.

Аболицираниот криминалец Зоран Заев не го интересира ниту Република Македонија, ниту просперитетот на граѓаните. Зоран Заев го интересира само заштитата на криминално стекнатото лично богатство. Аболицираниот криминалец Зоран Заев и неговите послушници продолжуваат да работат единствено на штета на граѓаните на Република Македонија и на нејзиниот углед.

Република Македонија е посилна од деструкцијата на аболицираниот криминалец Зоран Заев и ќе ја надмине и оваа нова деструктивна епизода од фабриките за афери на Бихаќка. За ваквото финансиско насилство врз државата, Заев и неговите послушници ќе ја добијат сметката од граѓаните на наредните избори.