Политика

ВМРО-ДПМНЕ: Економијата е позитивна и покрај кризата наметната од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ: Економијата е позитивна и покрај кризата наметната од СДСМ

Благодарение на добрите економски политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, економијата и покрај наметната политичка криза од страна на Социјалдемократскиот сојуз бележи позитивни трендови, истакна на денешната прес-конференција Христијан Мицкоски член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес конференцијата на Мицкоски

Ова го потврди и кредитната агенција „Стандард и Пурс“ која го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, ББ- со стабилен изглед.

Од кредитната агенција наведуваат дека како и во октомврискиот извештај,а рејтингот го базираат на добрите економски перформанси на македонската економија и покрај политичката криза.

Од Агенцијата очекуваат невработеноста да продолжи да се намалува во континуитет од година во година и во 2020-тата година да се сведе на 21,5 отсто. Согласно нивните проекции инвестициите и извозот ќе продолжат да растат.

„Стандард и Пурс“ пишуваат дека слободните економски зони ќе бидат генератор на економскиот раст, особено преку соработката со домашните локални компании и добавувачи.

Како што наведуваат од рејтинг агенцијата, буџетскиот дефицит од 2,8 проценти во 2016 година е низок и посочуваат дека државниот долг може да се квалификува како низок во споредба со земјите со ист кредитен рејтинг.

Како „Стандард и Пурс“, во февруари годинава и кредитната агенција Фич го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, наведувајќи дека согласно економските перформанси, земјата заслужува повисок рејтинг од сегашниот, но поради наметнатата политичка криза не можат да дадат повисок рејтинг.

Овие резултати кои ги постигнува македонската економија и покрај наметнатата политичка криза од СДСМ, се благодарение на големиот број на реформи и проекти кои ги спроведе ВМРО-ДПМНЕ во последните години.

За добрите економски политики пристигнуваат признанија и од други престижни странски институции како што се Европската Комисија, која што македонската економија ја оцени како стабилна, со прогнозиран раст на БДП од 3.2%.

Додека Светската Банка во извештајот на „Дуинг Бизнис“ како резултат на економските политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за 9 години забележа раст од 84 места и од некогашното 94-то место во време на Социјалдемократскиот сојуз денес Македонија е рангирана на 10-тото место во светот и 5-тото место во Европа.

Како резултат на успешни економски политики, во изминатите години невработеноста се намали од рекордни 38% од времето на Социјалдемократскиот сојуз на сегашните 23,1 процент, а во Македонија се отворија над 170 илјади нови работни места.

За ВМРО-ДПМНЕ главен фокус и понатаму останува економскиот раст и развој на државата и отварање на нови работни места.