ВМРО-ДПМНЕ: Фабриката за афери, лаги и манипулации на СДСМ продолжува да ја вергла истата плоча со невистини

Фабриката за афери, лаги и манипулации на СДСМ продолжува да ја вергла истата плоча со невистини. Соочени со својот катастрофален рејтинг очајно се обидуваат да привлечат внимание со пласирање на неаргуменирани и неточни соопштенија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Интегрален  текст од соопштението:

Фабриката за афери, лаги и манипулации на СДСМ продолжува да ја вергла истата плоча со невистини. Соочени со својот катастрофален рејтинг очајно се обидуваат да привлечат внимание со пласирање на неаргуменирани и неточни соопштенија. Впрочем и во минатото јавноста од СДСМ се изнаслуша паушални прогнози и невистини за банкрот, грчко сценарио, девалвација кои на крајот излегоа дека се големи лаги.

Ниту една лага од СДСМ не може да го покрие фактот дека нето задолжувањето на домашниот пазар од почетокот на годината се приближува на нула.

Исто така СДСМ не може да го оспори фактот дека издавањето на еврообврзницата е финансиски метод на работа на секоја европска земја, а во Македонија е воведен токму од страна на владата на СДСМ во 2004 година, истата влада тогаш ги потроши парите, ништо не изгради, а денес тој залуден заем на СДСМ се враќа.

Уште еден факт е дека Македонија е една од најмалку задолжените земји во Европа, а сите средства кои се позајмуваат од финансискиот пазар се релоцираат во капитални инвестиции, патишта, болници, училишта, отворање на нови работни места и слично, кои се реални видливи за целиот народ.

Очигледно СДСМ решиле да се однесуваат како финансиско-терористичка банда која по секоја цена се обидува да и наштети на сопствената држава и на сопствениот народ. Токму со нивното неодговорно однесување предизвикаа штета во однос на разликата на каматата која Македонија ќе ја чини 25 милиони евра. Овие 25 милиони евра кои дополнително ја чинеа државата како резултат на срамното однесување на СДСМ, државата наместо да ги искористи да изгради нови локални патишта, градинки, амбуланти, да овозможи нови работни места,  да реконструира или опреми болници, ќе мора да ги потроши за да ја исплати штетата која ја предизвика СДСМ со своето антидржавно однесување.

Народот тоа многу добро го знае и заради тоа ќе го казни СДСМ и нивниот лидер, аболицираниот криминалец Зоран Заев. СДСМ само нека се охрабри и нека излезе на избори, народот јасно ќе им покаже што мисли за нивните деструктивни политики и манипулации на директна штета на државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.