ВМРО-ДПМНЕ: Фактите ги фрлаат во очај Наумов и СДСМ

Дополнителниот заменски министер за финансии Кире Наумов и СДСМ продолжуваат со притисоците од деструктивна природа кои имаат единствено за цел да го попречат нормалното функционирање на Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на владејачката партија

СДСМ и Кире Наумов прават се за да го спречат спроведувањето на законот за буџет.

Аукциите на државни хартии од вредност се предвидени со Буџетот за 2016 година. Буџетот за 2016 година е гласан и одобрен од пратениците на Собранието на Република Македонија, кои пак се гласани од народот.

За потсетување, СДСМ уште во 2004 година ги воведе аукциите на државни хартии од вредност со кои се финансира буџетот во сите европски земји.

Наумов и СДСМ им се закануваат на банките и во неколку наврати добиваат жестоки одговори на нивните закани произлезени од деструктивната матрица на СДСМ.

Овој пат банките се поштедени од заканите на Наумов и СДСМ, но не е поштедена и јавноста од неговата наводна грижа за јавниот долг. Половина од јавниот долг за кој е загрижен Наумов е наследство од СДСМ, партијата која не само што ја задолжи Македонија, туку и ден денес не дава одговор на најголемата мистерија: како е воопшто возможно да ја задолжиш земјата со 2 милијарди евра, а НИШТО да не оставиш зад себе, освен коњи, рејбанки и бисерни огрлици за 8-ми март како најпознат проект во здравството на СДСМ?

Наумов треба да се грижи како тој и СДСМ ќе ги објаснат парите кои испариле во ветер, земени со 40 активни кредити кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ги исплаќа ден денес и ќе ги исплаќа и во иднина?

Наумов треба да им објасни на граѓаните каде се проектите финансирани со парите од кредитите на СДСМ кои се плаќаат денес?

Наумов и СДСМ треба да и соопштат на јавноста зошто ја задолжија Македонија со 2 милијарди евра, а пензиите се исплаќаа на рати во категории, немаше субвенции за земјоделците, не се вложуваше во инфраструктурата ако не ги сметаме столбовите од железничката пруга кон Бугарија кои се споменик на вложувањата на СДСМ, не се реновираа студентски домови и не се градеа нови, не се вложуваа стотици милиони евра во нова опрема во здравството итн.

СДСМ освен што ја задолжи Македонија, остави пустош зад себе поради кој народот ги казнува веќе 9 изборни циклуси по ред.

За разлика од неработењето на СДСМ, во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ покрај тоа што се враќаат кредитите на СДСМ се градат автопатишта во вредност од речиси милијарда евра, изградени се 510 километри регионални патишта, изградени се 350 локални патишта, изградени се 70 нови училишта, реконструирани се 350 училишта, изградени се 80 нови спортски сали, 35 фудбалски игралишта, 51 повеќенаменски игралишта, 39 тениски игралишта, 46 нови детски градинки, набавена е модерна опрема и лабаратории за болниците, намалени се партиципациите за студирање, се реконструираат студентските домови и се градат нови. Просечната пензијата од 2006 година наваму е покачена за 70 отсто, а исплатени се и повеќе од 800 милиони евра субвенции за земјоделците.

Ова се бројките и фактите кои ги фрлаат во очај и Наумов и СДСМ, поради што безнадежно се обидуваат да го спречат нормалното функционирање на државата и спроведувањето на Законот за буџет.

Ваквото деструктивно делување на СДСМ ќе биде казнето 10-ти пат по ред на 24 април.