ВМРО-ДПМНЕ: Филип Андов во скопското подземје познат како Сокол ќе го советува Заев

Што му згреши Македонија и народот на Зоран Заев за вака да се одмаздува? Прашањето не е само реторичко. Прашањето е суштинско бидејќи хаосот што го креира Заев и неспособните и некомпетентни кадри што ги поставува ги плаќаат граѓаните. Почна со делењето функции на скапо платените лажни револуционери и самопрогласените независни новинари, па се префрли на вдомување на мешетари и естрадни менаџери од Србија. Од Зоран Башановиќ, пејач и менаџер на Драгана Мирковиќ, до Цветанка Ласкова, изјави денес Сашо Павлоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Последен изблик во кадровската е Филип Андов познат како Сокол. Тоа познат важи повеќе за скопските улици и подземје отколку за некаков успех во академска или бизнис заедница. Сега тој Сокол ќе го плаќаат граѓаните за да го советувал Заев за Скопје. Граѓаните заслужуваат да знаат кои се квалитетите на Сокол? Какви квалификации има Сокол? Каде одбранил магистратура и докторат? На која тема?, посочува тој.

Павлоски вели дека медиумите пишуваат дека Сокол е главно познат на полицијата.

-Дали Владата го провери неговото досие? Дали е точно дека против советникот на Заев се поднесувани кривични пријави за сторени разни кривични дела? Филип Андов викан Сокол е назначен за специјален советник на Зоран Заев задолжен за градот Скопје, а го нема ниту Заев ниту неговиот огромен ПР тим да се пофали со дополнителната вредност што Сокол и ја носи на Владата. Филип Андов – Сокол јавноста го памети и како човек кој со џип влета во толпа граѓани што мирно протестираа, но и по неговото учество во насилни протести во кои беше вандализиран главниот град, истакнува Павлоски.

Тој прашува дали е точно дека советникот Сокол на почетокот на неделава удрил во пешак со мотор? Зошто МВР ја крие оваа информација? Дали на крај треба да излезе дека пешакот е виновен и удрил во Сокол?

-Надлежните молчат за случајот. Молк од МВР на Спасовски од каде се уште нема одговор за сообраќајната несреќа, а молк и од владата која си го ангажираше Сокол со народни пари. СДС и Заев аздисаа. Креираат хаос и несигурност. За ваквото безобразно и непрофесионално однесување Зоран Заев и СДС ќе сносат политичка одговорност и на следните локални избори ќе ги стигне казната од граѓаните на Република Македонија, вели Павлоски.