ВМРО-ДПМНЕ: За финансирањето на изборните кампањи е постигната согласност пред една недела

Темата со финансирањето на изборните кампањи и износот на средства кои што политичките партии можат да ги потрошат е тема за која што партиите постигнаа согласност уште пред една недела и тоа е затворена тема.

ВМРО-ДПМНЕ во целост ги демантира изнесените информации дека во разговорите околу изборниот законик главен фокус на партијата била темата за распределбата на парите од изборите.

Во денешниот демант од ВМРО – ДПМНЕ се наведува дека е особено тенденциозно што пред објавувањето на таквите невистини не е побаран официјален став на партијата, што е основа на објективното новинарство и етика, што, пак, говори за смислено сценарио на опозицијата за пласирање невистини.

Се работи за уште една фабрикувана лага, која е дел од стратегијата на СДСM за дефокусирање на вниманието од вистинските теми и прашања важни за граѓаните, како и од позициите кои СДСМ ги застапува за време на преговорите, а кои се штетни за државата. СДСМ на тој начин мисли дека колку повеќе се шират невистини, толку побрзо ќе се заборават нивните штетни предлози дадени на преговарчката маса, стои во демантот од ВМРО – ДПМНЕ.

За ВМРО-ДПМНЕ, се потенцира, многу поважни се прашањата поврзани со гласањето на дијаспората, регулирањето на работата на ДИК, обезбедувањето механизми со кои ќе се потврди објективноста и довербата на изборниот процес.

Темата со финансирањето на изборните кампањи и износот на средства кои што политичките партии можат да ги потрошат, се посочува во соопштението, е тема за која што партиите постигнаа согласност уште пред една недела и тоа е затворена тема.

Пуштањето на вакви шпекулации ние го гледаме како алатка од кујната на СДСМ се со цел да се покрие нивниот срам заради промовирањето и поддршката на штетни одлуки за Република Македонија, се подвлекува во демантот од ВМРО – ДПМНЕ во однос на објавените информации од страна на одредени опозициски медиуми за изборниот законик.