ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните ги очекуваат ветените проекти но и финализирање на веќе започнатите проекти

ВМРО-ДПМНЕ ги потсетува СДСМ да не држат празни прес-конференции туку да се фатат за работа, бидејќи граѓаните ги очекуваат ветените проекти но и финализирање на веќе започнатите проекти, посочуваат од партијата во писмената реакција на изјавата на Благој Бочварски во врска со стопираната изградба на автопатите.

„Владата на СДС наместо да ги реализира проектите кои се започнати, времето го губи за наоѓање на изговори и оправдувања за неработењето. СДС е повеќе од месец дена на власт, а продолжува да глуми опозиција“, порачуваат од ВМРО-ДПМЕ.

Откако СДСМ е дојдена на власт, се истакнува натаму во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните ги очекуваат ветените 600 километри автопат, 550 километри магистрални патишта и 1.000 километри локални патишта, а не политизирање кое не им носи реален бенефит, ниту на граѓаните, ниту на државата.

„СДС продолжува да си игра со големите инфраструктурни проекти кои се од големо значење на Република Македонија и за граѓаните. Пред неколку дена СДС ја проблематизираше изградбата на автопатот Кичево-Охрид, за сега да наоѓаат изговори и во изградба на експресниот пат Прилеп-Градско. Време е СДС се фатат за работа и да го изградат автопатот кон Охрид и експресниот пат Прилеп-Градско“, се наведува во реакцијата.

Исто така, од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека експресниот пат Прилеп-Градско е пат од огромно значење не само за жителите на Прилеп и Градско, туку и за целиот поширок регион на централна и јужна Македонија, кој ќе го забрза протокот на возилата и ќе допринесе за поголем економски развој.