ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните препознаваат кој работел во нивна полза, а кој ги загрозувал националните интереси

Додека ние работевме на подобрување на животот на граѓаните, лидерот на СДСМ Зоран Заев ги загрозуваше највисоките државни и национални интереси, се истакнува во соопштениео на ВМРО-ДПМНЕ од саботата и притоа се наведува дека резултатите од работењето и грижата на оваа партија за граѓаните се евидентни и оти граѓаните ги препознаваат разликите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Во соопштението го наведуваат потпишаниот договор од петокот за нов модерен Клинички центар кој чини 72 милиони евра, со површина од 46.987 метри квадратни, составен од подземно ниво, девет ката и хелиодром. Утрешното свечено отворање на Македонската филхармонија која се простира на 12.400 метри, голема и мала сала со 1.310 места и најсовремена технологија и опрема. Исплатата на земјоделските субвенции, за кои истакнуваат дека во период од десет години земјоделците во ВМРО-ДПМНЕ препознаа најверен партнер, помагајќи им со субвенции во вредност од над милијарда евра. Потсетуваат дека земјоделството изминативе десет години стана една од најважните стопански гранки.

Се посочува и дека во тек е изградбата на историски најобемните инфраструктурни зафати, како автопатот Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Штип, Кичево – Охрид, реконструкцијата на патот Велес – Штип, како и автопатот Скопје – Куманово, но и многу други проекти во вредност од над милијарда евра.

„Додека ВМРО-ДПМНЕ и покрај кризата креирана и наметната од СДС напорно работеше на подобрување на животот на граѓаните, Зоран Заев со своето антидржавно и деструктивно однесување ги загрозуваше највисоките државни и национални интереси, понижувајќи го сопствениот македонски народ неколку пати по ред“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, во кое се додава дека ваквото деструктивно однесување, насочено против граѓаните и државата нема да трае.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.