ВМРО-ДПМНЕ: Хаосот и неизвесноста што ги креира неспособната влада на Заев се алармантни

-Самиот Заев и СДС се потсмеваа и ги прогласуваа за лажни вести информациите дека ќе има парични казни за неупотреба на албанскиот јазик како втор службен јазик, а сега тие одредби ги гледаме впишани во закон! Заев и СДС лажеа дека имало 500.000 фантоми во избирачкиот список за потоа да лижат онаму каде што плукале. Тоа е Заев и СДС. Вети денес едно, прави утре друго и надевај се дека граѓаните ќе заборават, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму истакнуваат дека вистина е оти полицијата раководена од Оливер Спасовски безмилосно ќе убиеала две момчиња.

-Не е лажна вест дека се вратија мафијашките пресметки, среде бел ден, по улиците низ Македонија и граѓаните се чувствуваат несигурни. Вистина е дека со лошиот договор со Бугарија ќе се менуваат книгите по историја во Македонија и ќе се мониторираат македонските медиуми. Вистина е дека Заев плаќа со пари на граѓаните, неспособни и некомпетенти кадри кои почнаа да си даваат и оставки. Вистина е дека Мила Царовска испраќала дописи до сите општини да обезбедат локации за градење објекти за згрижување мигранти. Не е лажна вест дека советниците на СДС бегаат од дискусија по оваа тема во секоја општина, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека вистина е оти СДСМ го укинала планираното и најавеното покачување на пензиите.

-СДС им крати по околу 500 денари на пензионер. Наместо по 620  денари месечно колку што обезбедуваше ВМРО-ДПМНЕ, СДС ќе исплати по околу 180. Каде одат другите 500 денари, нема одговор за пензионерите. Вистина е дека стотици милиони евра исчезнуваат од државната каса. Од девизните резерви стопија преку 170 милиони, а земаа уште 145 милиони евра преку аукции на државни хартии од вредност и никој не знае каде завршија сите овие пари. Вистина е дека пола Македонија изгоре, додека неспособните министри на Заев одмараа по елитните плажи по светот, се вели во партиската реакција.

Според ВМРО-ДПМНЕ, хаосот и неизвесноста што ги креира неспособната влада на Заев се алармантни.

-Народот гледа без разлика на обидите на Зоран Заев да манипулира преку медиумите под негова контрола.Одговорност мора да има и ќе има! Народот ќе ги казни на изборите на 15-ти октомври!, се вели во реакцијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.