ВМРО ДПМНЕ:И на СДСМ им е совршено јасно дека нема никаква вмешаност на било кои функционери

„Сите постапки кои се превземени од страна на државните институции при одлучувањето и евалуацијата на тендерот за изградба на автопатот Смоквица – Демир Капија се во согласност со законите на Република Македонија и меѓународните стандарди побарани од страна на Европската комисија, Европската инвестициона банка и ЕБРД. При постапката немало жалба од страна на ниту една компанија. Тоа говори за транспарентноста и законитоста на постапката каде државните институции постапувале. Дополнително, евалуација на реализацијата на проектот се прави во координација со меѓународните институции,“ се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ на прес конференцијата на Шилегов во која тој обвинува за нелегално изнесување пари преку сметки на лица надвор од државата.

СДСМ, понатаму се вели во соопштението, треба да престане со политизација на случајот, која е крајно сомнителна и индикативна и да дозволи институциите кои веќе имаат превземено дејствија да кажат дали има одредени прекршувања на законите во постапувањето на компанијата Актор или не.

„И на СДСМ им е совршено јасно дека нема апсолутно никаква вмешаност од страна на било кои функционери, но го злоупотребуваат случајот, за кој веќе државните институции постапуваат, заради влијание врз изборниот процес, а по се изгледа под инструкција на сомнителни центри со цели спротивни на интересите на Република Македонија.
Начинот на кој постапува СДСМ е крајно сомнителен во смисла на вистинските причини и инспиратори кои стојат зад вмешувањето на СДСМ во овој случај за кој државните институции веќе постапуваат.СДСМ треба да научи дека треба да се гради и создава, а не да се разградува и уништува. Нашата цел е да го подобриме животот на граѓаните со огромни инвестиции во инфраструктурата, а тоа го правиме со меѓународни партнери и по меѓународни стандарди. Инвестиции од кои СДСМ има страв во коски заради тоа што знаат дека граѓаните прават разлика помеѓу оние кои градат и создаваат и оние кои уништуваат и ништо не работат,“ се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.