ВМРО-ДПМНЕ: Измамените граѓани се само работна сила која ќе го враќа долгот кој Владата постојано го зголемува

Расипништвото и неодговорноста на СДСМ не знаат за граници, а владејачката партија само во 2018 година планира да ја задолжи Република Македонија за нови 854 милиони евра, 566 милиони евра на странскиот пазар и 288 милиони евра на домашниот пазар, за да го финансира досега најголемиот Буџет во историјата на државата, се вели во соопштение од неделата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека станува збор за огромен Буџет, огромно задолжување, а незначителни инвестиции, граѓаните и нивните потреби на последно место.

„Намалени се средствата за исплата на земјоделски субвенции кои се помали за 24 милиони евра од првично најавените, имаме селективно покачување на платите, наместо генерално, а укинато е и покачувањето на пензиите. Тоа е политиката на СДС, кратење на средства наменети за потребите на граѓаните. Додека оризарите, лозарите и раноградинарите молат за повисоки откупни цени и помош од државата за да можат да опстанат и продолжат да произведуваат, СДС се задолжува за стотици милиони евра, без дел од тие пари да ги предвиди за зголемување на субвенциите, напротив наместо зголемување земјоделците имаат намалување“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија велат дека додека се кастрат на реалните потреби на граѓаните и се задолжува без план и потреба, вработените од Фени, Колска и Еурокомпозит секојдневно легнуваат и стануваат со помислата дали утре ќе имаат со што да го прехранат своето семејство.

„Граѓаните не се приоритет на оваа влада. СДС ги излажа граѓаните, а сега крати на нивните потреби и реални очекувања. Граѓаните се измамени и служат само како работна сила која ќе го враќа долгот кој оваа влада од ден во ден го зголемува“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.