ВМРО-ДПМНЕ: Јавноста има право да знае за криминалите во врвот на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека јавноста има право да знае, како што наведува во соопштение, за криминалите на луѓе поврзани директно со врвот на СДСМ и да дознае што сака да сокрие претседателот на партијата Зоран Заев.

-Ниту една јавна закана на Заев и функционерите на СДСМ кон новинарите нема да го спречи излегувањето на виделина на вистината, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тврдат дека Заев и неговите најблиски соработници се дружат со, како што соопштуваат, други криминалци и размислуваат како криминалци. – Кога некој од нивните соработници ќе биде уапсен како дилер на кокаин, СДСМ им се заканува на новинарите кои известиле за апсењето на овие криминалци, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Прашуваат дали Заев знаел, како што стои во соопштението, дека неговите соработници со години уништувале животи, дали чувствува морална одговорност, како и дали тие криминалци биле сигурни во себе дека нема да одговараат заради тоа што СДСМ раководеше со МВР.

– Дали позадински овие дилери на дрога се чувани од структурите на Оливер Спасовски или пак Примислав Димовски? Се познавал ли притворениот Сеад Рахиќ со нив и дали му помагале? Дали Заев или некој од врвот на СДСМ имале директен бенефит земајќи пари од бизнис со дрога за поддршката и заштитата која им е давана на нарко-групата од безбедносните структури на СДСМ?, прашува ВМРО-ДПМНЕ и оценува дека раководството на СДСМ ја претворило партијата во заштитник на се што е незаконско и криминално.