ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог за референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за договорот со Бугарија

Владата на СДС во крајно нетранспарентен процес склучи Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија кој што е небалансиран односно предизвикува обврски само за нашата држава без да предвиди никакви отстапки од бугарска страна, изјави Трајче Димков од ВМРО-ДПМНЕ.

„Од тие причини, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до парламентот на Република Македонија предлог за организирање референдум на кој граѓаните на Република Македонија ќе се изјаснат за Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија. Ваквата одлука е донесена врз основа на последната седница на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на која беше донесен заклучок дека не смее да биде заобиколена ниту стручната јавност, ниту народот. Имајќи предвид дека овој договор се потпиша, но сеуште парламентот го нема ратификувано и со тоа сеуште не е важечки, ВМРО-ДПМНЕ смета дека пред изјаснувањето за овој договор од страна на пратениците, правилно е да се слушне мислењето на граѓаните“, истакна Димков.

Додаде дека имајќи ја предвид важноста на овој договор, отстапките направени во него од страна на власта во Македонија, и последиците кои ќе бидат долгорочни и поприлично ќе го надминат векот на постоење на оваа влада, демократски е, и би рекле највисок демократски и морален чин е да се даде можност за изјаснување од страна на сите граѓани на Македонија, пред членовите на парламентот да го усвојат овој меѓународоен договор, и тој да стане валиден.

„Посебно, имајќи ги предвид обврските преземени во него, и фактот што за разлика од телата на парламентот во Бугарија каде едногласно се прифати овој договор од сите партии и пратеници, во Македонија тоа не е случај и има очигледна поделеност помеѓу партиите во парламентот. ВМРО-ДПМНЕ ја почитува Република Бугарија како сосед близок по многу нешта со Република Макеоднија, и како земја членка на НАТО и ЕУ, заедници кон кои и ние тежнееме. Од тој аспект ВМРО-ДПМНЕ поддржува да се градат пријателски односи со соседна Бугарија, вклучувајќи и низ еден ваков договор. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ, има сериозни забелешки на неколку членови од договорот, а најконкретно во деловите со кои декларирајќи постоење на заедничка историја се предвидува и создавање меѓу државна комисија која ќе ги дискутира промените на учебниците по историја во Македонија. За ВМРО-ДПМНЕ неприфатливо е откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, а непотребно е повторно прифаќање на именувањето на нашиот македонски јазик, како јазик од Уставот на Македонија, дефиниција која не постои во ниту еден друг договор на Македонија и Бугарија со било која земја во светот, и очигледната намера преку оваа формулација за непризнавање на македонскиот јазик. Ова се крупни одредби во овој договор, и сметаме дека по најдемократски пат, треба на организиран државен референдум да се изјаснат граѓаните на Република Македонија“, потенцираше Димков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.