ВМРО-ДПМНЕ: Ќе ја демаскираме лажната слика која што СДСМ ја создава

Владата на Република Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ сериозно вложува во развојот на научно истражувачката дејност, сметајќи ја како еден од основните двигатели на севкупниот општествено – економски напредок на земјата. Неколку капитални проекти се одбележје на приоритетноста која во денешно време и се дава на оваа област.

Ова го посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од Солза Грчева од СДСМ.

Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на владејачката партија.

Да ја потсетиме г-ѓа Грчева дека токму оваа Влада започна со Опремување на лаборатории за научно-истражувачка и апликативна дејност, за што досега се вложени средства во висина од 1,6 милијарди денари, со кои најсовремено се опремија 80 лаборатории на високообразовните институции и јавните научни установи на територијата на Република Македонија, кои нудат бенефиции за научната јавност и за студентите, но, нудат услуги и за реалниот сектор коишто во минатото биле тешко достапни и по многу повисоки цени се обезбедувале во други, понекогаш и многу далечни земји.

Оваа Влада дава поддршка и при реализацијата на национални и билатерални научно-истражувачки проекти, за што досега се исплатени 56 милиони денари. Исплатата за која вие обвинувате дека доцни, се реализира етапно, согласно договорот склучен за секој поединечен проект.

Да потсетиме и за проектот за “Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија од областа на правото во Франција и Германија“, преку кој, за студентите, професорите, научно-истражувачките работници и конечно секој заинтересиран граѓанин, во овој момент достапни се вкупно 874 наслови.

Токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ, започна доделувањето на т.н. научни субвенции – еднократни финансиски средства во висина од 30.000 денари за објавени научно-истражувачки трудови на домашни автори во меѓународни научни списанија со фактор на влијаниe. Еден вид награда за вложениот труд и стимулација за континуитет во заложбите, но и мотивација за сите останати научни работници коишто од било какви причини во минатото не изработиле или немале можност да објават личен труд во списание со фактор на влијание.

Министерството за образование и наука претплатува, а со тоа и обезбедува достапност на списанија со импакт фактор. За професорите и студентите при државните универзитети, достапни се 14 бази на податоци на EBSCO кои вкупно опфаќаат околу 50,000 списанија – од кои над 18,000 се е-списанија во целосен пристап (full text), голем дел се високонаучни цитирани списанија со фактор на влијание (импакт фактор), 300.000 е-книги, 100,000 биографии, над 140,000 документи, над 270,000 фотографии, мапи, знамиња и други документи.

За оваа година усвоена е Програмата за научно-истражувачка дејност преку која со 108 милиони денари, или, за 18 милиони денари повеќе во однос на вложените средства изминатата година, ќе им се даде поддршка на државните установи и граѓанските здруженија насочени кон науката, ќе се развива научно-истражувачкиот кадар и ќе се обезбеди мобилност и поврзување на домашното и меѓународно научно-истражувачко искуство.

Да потсетиме и дека усвоени се неколку стратешки документи, како Стратегијата за иновации 2012-2020, Законот за иновациска дејност, Република Македонија ја потпиша и Регионалната истражувачко-развојна стратегија за иновации на Западен Балкан, а формиран е и Фонд за иновации и технолошки развој во Република Македонија, чијашто суштина очигледно не сте ја разбрале, имајќи во предвид дека алудирате на приватизација на државен капитал, а всушност Фондот предвидува поддршка на приватниот сектор. Критериумите за тоа кој може и за што може да ги користи средствата за иновации се јасно дефинирани во правилници изготвени во соработка со Светската банка, а одлуката за распределба на средства ја носи Одбор за одлучување составен од меѓународни експерти.

Прашуваме што од сето ова има направено СДСМ?

Во времето на СДСМ се вложуваше единствено во науката за криминална приватизација, а лекциите ги учеа и практично применуваа партиските послушници, кои мораме да признаеме дека беа навистина добри во целта – лично богатење за сметка на опустошувањето на граѓаните и Република Македонија.

За да се направи разлика помеѓу нас и СДСМ, освен што како и досега ќе одговараме аргументирано на нападите на СДСМ и ќе ја демаскираме лажната слика која што СДСМ ја создава, при што патем креираат за жал една негативна и ниска дискусија, секој ден ќе објавуваме и по 5 проекти кои ги имаме реализирано со цел да ја потенцираме разликата помеѓу нас и СДСМ и да претставиме дека политика не е сведување на ниски кавги и неаргументирани напади како што прави СДСМ, туку дека е создавање дела и проекти за доброто на граѓаните.

Нема да дозволиме СДСМ да не вовлече во живата кал во која се наоѓа.

Реновирана болницата „8-ми Септември“ во Скопје.
Реконструиран патот Катланово – Велес, во вредност од 444 милиони денари.
Намален Данокот на додадена вредност за продажба на станови од 18% на 5%.
Реконструкција на дел од водоводна мрежа во населено место Виница, во вредност од 1.390.469 денари.
Изградено ОУ„Крсте Мисирков“ во Радовиш, во вредност од 37.582.750 денари.