ВМРО ДПМНЕ ќе собира идеи од граѓаните за Програмата

Досегашното искуство покажа дека граѓаните нудат исклучително квалитетни предлози и проекти, затоа што најдобро знаат што е потребно за подобар живот. Ние им веруваме на граѓаните, вели Зоран Ставрески, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

„И од досегашната пракса можеме да кажеме дека граѓаните давале одлични предлози. Само за пример, мерките за откуп на дворното место по 1 евро/м2 и мерката за либерализација на увозот на половни возила беа токму идеи кои до нас ги доставија граѓаните. Затоа повторно бараме од граѓаните да се вклучат во креирањето на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, во изборната програма на сите граѓани на Македонија“, истакна Ставрески.

Ставрески вели дека во насока на мобилизација на сите креативни капацитети на македонското општество и нивно обединување во намерата за побрз и посилен развој, ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани кои имаат предлози, сугестии, проекти и размислувања за кои сметаат дека можат да бидат внесени во изборнaта програма на Партијата.

„Вашите предлози со внимание ќе бидат разгледани од експертскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ и кон нив ќе се пристапи со најголема сериозност. Ве повикуваме заеднички да дадеме придонес за подобра Македонија. Нашиот збор вреди. Ние го даваме зборот дека следната прогама ќе биде одлична, темелна, со многу пријатни изненадувања, многу крупни проекти и сериозни реформи, со многу дела, прецизни рокови и прецизни средства, со храбри, квалитетни и конкретни чекори кои директно ќе помагаат на секој поединец, секое семејство, секој град, маало и секое населено место“, истакнува Ставрески..

Идеи можете да ги доставите: до седиштетео на ВМРО-ДПМНЕ на адреса Јуриј Гагарин број 15 или во седиштата на Општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ низ Република Македонија; на e-mail адреса: izbornaprograma2014@vmro-dpmne.org.mk; на штандовите кои ќе бидат поставени на плоштадите во сите градови низ Македонија.