ВМРО-ДПМНЕ: Која е вистинската дејност на фирмите кираџии во станот на Шилегов?

Петре Шилегов со денови молчи за скандалите во кои е фатен, повикувајќи го да излезе и да одговори барем на едно од прашањата кои се врзуваат за неговото име, посочи Александар Стојкоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

-Го повикуваме Шилегов кога веќе молчи за закупнината од 700 евра што ја добива месечно за имот кој не постои, да одговори за скандалот со 4-те фирми пријавени на неговиот стан на булеварот Кузман Јосифоски Питу бр 19/5-4 во Скопје. Особено е сомнително што две од овие фирми сместени во неговиот стан се во сопственост на лица од Словенија и Абу Даби, а притоа Шилегов нема доставено договори за закупнина ниту открива колку кирија му плаѓаат овие две фирми. Дали овие фирми се вистински г-не Шилегов, со што се занимаваат или се фантом фирми кои сте ги сместиле во вашиот стан за цели кои само вие ги знаете? Имаме индиции  дека овие две фирми Блек Стоун Холдинг и Урбан Солитионс немаат вработени, а замислете пријавиле во Централниот регистар дека вршат угостителска дејност, односно маркетинг услуги, истакна Стојкоски. 

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат која е вистинската дејност на овие две фирми кои се пријавени во станот на Шилегов?

-Излезете и објаснете во каква каша сте се замешале. Зарем не знаете со што се занимаваат фирмите пријавени во вашиот стан и колку вработени имаат? Ако господинот Шилегов не излезе да даде одговори за двете фирми кираџии во неговиот стан без пријавени вработени, тогаш се отвора сомнеж дека на адресата на неговиот стан има пријавено две фантом фирми, едната од Абу Даби, другата од Љубљана кои можеби вртат пари на сомнителен начин. Нема потреба  вам како искусен адвокат да ви кажеме дека молчењето, прикривањето и соработката во вакви сомнителни дејанија, за кои постојат сериозни индиции, се кривични дела, додава Стојкоски.