Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е единствената држава аспирант за член на ЕУ со политички затвореници

ВМРО-ДПМНЕ: Македонија е единствената држава аспирант за член на ЕУ со политички затвореници

Само во Македонија, видни личности, патриоти, кои немаат сторено ниту прекршок се прогласуваат за терористи, велат во неделата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Власта безобразно и на очиглед на сите ги злоупотребува институциите на системот за политичко пресметување со неистомислениците. Судовите не се ни трудат да ја запазат правната постапка. Во решенијата што се доставени до правните застапници на обвинетите воопшто нема образложенија или тие не соодветствуваат со фактичката состојба.

По повеќе од десет дена сеуште не се добиени решенијата за притвор за некој од уапсените што јасно укажува на фактот дека ова не е правен процес туку политичка пресметка.

Владата на СДСМ судиите ги претвори во политички пиони кои ги користи за дневно политички потреби, целосно уривајќи го угледот и честа на судовите како институции кои треба да дејствуваат независно од извршната власт.

Самиот факт што вишото јавно обвинителство ги нарекува обвинети оние кои се политички осомничени за настаните од 27 април е доволен доказ дека некој сака да ги издиктира и пресудите, а судот треба молчешкум да ги изрече.

Веќе два месецa Дурловски, Илиевски, Јовановски, Чавков, Дамовски и останатите се држат во притвор само затоа што си ја сакаат својата татковина и гласно се спротиставуваа на плановите на оваа влада за нејзино редефинирање. Нивниот притвор е обид да се замолчи и попречи секое спротиставување на погубните политики на владата на СДСМ.

Република Македонија е единствена држава аспирант за влаз во Европската унија во која има политички затвореници. Со ова владата на СДСM, Македонија ја стави во ранг на диктатурите од третиот свет во кои се применуваат вакви методи за пресметка со неистомислениците. Политичките слободи и слободата на говорот се основните права на цивилизираните општества, какво што се стремиме да станеме. Во Македонија владее тотален мрак, се додава во соопштенеито на ВМРО-ДПМНЕ.