ВМРО – ДПМНЕ: Македонија не ги заборава антидржавните дела на СДСМ

Македонија не ги заборава антидржавните дела на СДСМ. Македонија не го заборава пазарењето со националните интереси, се вели во соопштението што владејачката ВМРО – ДПМНЕ денес го упати во јавноста како реакција на изјавата на Петре Шилегов.

Интегрален текст од соопштението на ВМРО – ДПМНЕ:

Доколку Петре Шилегов не е запознаен со ставовите по однос на националните прашања на неговите идeолози и лидери, ова е добра можност да му помогнеме да се запознае со нив.

СДСМ секогаш бил за „виткање кичма“ и калкулирал со националните интереси.

Еве што СДСМ мисли за федерализацијата и што сака да скрие од граѓаните.

Зоран Заев и неговите учители Љубомир Фрчковски и Бранко Героски се залагаат за Албанец премиер, задолжително изучување на Албанскиот јазик во сите ошптини во Македонија и претворање на Македонија во федерација.

Бранко Героски во своите колумни бесрамно заговара федерализација на Македонија. Зоран Заев се додворува на косовски телевизии отворено зборувајќи за изучување на Албанскиот јазик во цела држава. Фрчковски, човекот кој СДСМ го понуди како кандидат за Претседател на Македонија и идеолог на партијата пред еден месец побара Албанец на премиерското место.

Македонија не ги заборава антидржавните дела на СДСМ. Македонија не го заборава пазарењето со националните интереси.

СДСМ беше против интонирањето на македонската химна во Собранието, калкулираше со референдумот за независност во 1991, ја прифати срамната референца ФИРОМ, подели 150 000 државјанства на Косовски албанци, го промени македонското знаме, во 2001 ја саботираше одбраната на Македонија.

СДСМ во 2004 ја донесе територијалната поделба на Македонија со која Струга и Кичево станаа доминантно албански општини. Истата партија на чело со Зоран Заев во 2008 предложи Македонија да ја свитка кичмата во спорот со Грција. Истиот Зоран Заев кој со Оливер Спасовски во Диво Насеље си правеше фотосесија со смешкање, додека Македонија беше завиена во црно и плачеше.

СДСМ 25 години по ред работи на разнебитувањето на Македонија. СДСМ во континуитет ги руши македонските национални интереси.

Затоа народот не ни помислува да му ја даде довербата на СДСМ. Затоа народот за 155 дена ќе го даде својот одговор на антимакедонската политика на СДСМ. И одговорот ќе биде жесток.

Термините „Збогум“ и „Доста е“ беа популарни и интересни во соседна Србија пред 20-тина години. Сега делуваат смешно и излитено низ секојдневната перспектива. Дури и во Србија би биле само скап и бескорисен обид за маркетинг. Тоа е најдоброто што скапите советници може да му го продадат на Заев. Од друга страна, ваквите слогани се максимумот што Заев и раководството може да го прифатат и сфатат.

Доаѓа 24 aприл. Не во 1996 година, туку aприл 2016 година. Граѓаните ќе му покажат повторно на СДСМ што мислат за сите обиди за вклучување на времепловот и враќањето назад.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.