Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: „Мој термин“ е пример за редуцирање на времето на чекање

ВМРО-ДПМНЕ: „Мој термин“ е пример за редуцирање на времето на чекање

Во време на СДСМ македонското здравство воопшто не беше ни рангирано на Европскиот здравствен потрошувачки индекс (ЕХЦИ). Со најновото рангирање на овој индекс Македонија е меѓу првите 20 најдобро рангирани здравствени системи во Европа, рангирана повисоко од поголем број развиени европски земји и земји од регионот, меѓу кои: Италија, Ирска, Унгарија, Полска, Литванија, Грција, Романија, Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора, и други држави.

Ова го истакнува ВМРО-ДПМНЕ во пишана реакција до медиумите на денешната прес-конференција на Злате Мехмедовиќ од СДСМ на која обвини дека системот „Мој термин“ и реформите во здравството се само фарса што не функционира во реалноста.

– Факт е дека македонското здравство денес според ЕХЦИ е највисоко рангирано во делот на достапноста на здравствените услуги, и е прворангирано по индикаторот „bang for the buck“, односно што се добива како здравствена услуга во однос на вложените средства. Факт е дека благодарение на системот „Мој термин“, Македонија е посочена како пример за редуцирање на времето на чекање практично на нула и во тој контекст како позитивен пример е споредена и со земја како Шведска, севели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Веќе неколку години по ред, се додава, системот „Мој термин“ е реформа која се препорачува за имплементација и во другите европски земји, а напредокот на Србија на ова рангирање се должи во голема мера на имплементирањето на систем по примерот на „Мој термин“.