ВМРО-ДПМНЕ: МВР прерасна во респектабилен партнер на меѓународно ниво

На ВМРО-ДПМНЕ државните интереси секогаш му биле пред се, нешто што за СДСМ е непоимливо. За сите членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ функциите никогаш не биле цел за себе. Партиските и државните функции биле позиции на кои секој морал да го даде својот максимум за доброто на граѓаните и државата, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според  договорот од Пржино, утре треба да се именува нов министер за внатрешни работи по предлог на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека МВР изминативе години прерасна во респектабилен партнер на меѓународно ниво.

Наместо кражби на кокаин од депоата беа реализирани заплени на дрога кои ќе останат забележани во аналите не само на македонската туку и на полициите во регионот и пошироко.

Наместо нерасчистен атентат врз претседател, МВР приведуваше лица осомничени за меѓународен тероризам. Наместо преговори со минорни групи во Кондово, МВР елиминираше моќни групи кои беа вистинска закана по државата и граѓаните.

Граѓаните го знаат тоа и затоа десет изборни циклуси по ред ги казнуваат бледите обиди за манипулација на СДСМ.

Граѓаните ќе го сторат тоа и во април. Затоа, СДСМ е во паника и се повеќе се заглавува со лаги и празни соопштенија, се вели во соопштенето на ВМРО-ДПМНЕ.