ВМРО – ДПМНЕ: НА 24- ти април народот по јубилеен 10-ти пат ќе го казни СДСM

СДСМ долго време го игнорираше проблемот со загадувањето кога беше на власт и како секојпат својата неспособност ја криеше под тепих. Народот за ваквите манипулации на СДСМ ќе го каже своето на 24 април, кога сурово ќе ги казни по јубилеен десети пат, велат од владејачката ВМРО – ДПМНЕ.

Интегрален текст од соопштението:

Стравот на СДСМ од соочување со народот на избори се гледа и од месечината. Сега кога се крена политичката магла која ја сееше СДСМ, граѓаните многу јасно можат да ја видат неспособноста и безидејноста, која единствено знаат да ја покриваат со лаги и манипулации.

Колегите од СДСМ може денешниот ден да го искористат и да излезат на прошетка надвор од седиштето на Бихаќка, во кое се чувствува канцерогениот чад од нивните Фабрики за Афери.

Проблемот со квалитетот на воздухот е долгогодишен и за тој проблем експертите за чист воздух во СДСМ не мрднале со прст кога требало нешто да направат. Тие дури не се осмелиле и мерни станици да постават се со цел граѓаните да немаат претстава каков воздух дишат.

За разлика од времето на СДСМ, денес во континуитет и посветено се работи за решавање на оваа проблематика. За потсетување на СДСМ сега им се препорачува на сите правни субјекти во Градот Скопје и Општината Тетово да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица над 60 годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60 годишна возраст со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).

Владата на Република Македонија во усвоените заклучоци на крајот на минатата година им препорача на Градот Скопје и oпштината Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата.

Владата го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до Министерот за животна средина и просторно планирање и до Министерот за здравство.

Владата им препорача на Градот Скопје и другите општини, преку овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори да вршат еднаш неделно контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола само во делот на емисии во воздухот и имисии. Притоа, во рамки на контролите на територија на Градот Скопје и Општината Тетово, се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа.

Конкретно во Скопје оваа Влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје, што СДСМ пропушти да го направи кога беше на власт.Се заменија котлите за греење на гас во Клинички центар и други здравствени домови и во поголем број училишта.

СДСМ долго време го игнорираше овој проблем кога беше на власт и како секојпат својата неспособност ја криеше под тепих.

Народот за ваквите манипулации на СДСМ ќе го каже своето на 24 април, кога сурово ќе ги казни по јубилеен десети пат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.