ВМРО – ДПМНЕ: На СДСМ воздухот му е загаден од штетните гасови на нивните Фабрики за афери

Во воздухот на Бихаќка доминираат АПРИЛ-24 честичките поради кои СДСМ има проблеми со дишењето. На СДСМ воздухот му е загаден од штетните гасови кои ги испуштаат нивните Фабрики за Афери, се вели во соопштението на ВМРО – ДПМНЕ.

Интегрален текст од соопштението:

Во воздухот на Бихаќка доминираат АПРИЛ-24 честичките поради кои СДСМ има проблеми со дишењето.

На СДСМ воздухот му е загаден од штетните гасови кои ги испуштаат нивните Фабрики за Афери.

Прво СДСМ се обиде преку Фабриката за афери на Чаушот со најдолни манипулации преку медиумите под нивна контрола да измислуваат афери, како што се обиде Фокус со личните карти и пасоши. Не успеаа.

Во најновиот обид бидејќи Чауш е во затвор, работите во свои раце ги презема неговиот ментор и пријател Оливер Спасовски кој се обиде да фабрикува афера за фалсификувани возачки дозволи. Епилогот е дека Спасовски го посрамоти МВР, Македонија и својата партија, ги наруши односите со германските партнери, бидејќи се обиде да измисли афера и криминал иако знаел дека нема ниту едно ниту друго.

Меѓутоа некој мораше да го покрива огромниот скандал со блискиот соработник на Заев Чаушот, а доброволец беше Спасовски.

Затоа воздухот во СДСМ е загаден, поради ваквите фабрики за афери кои и’ штетат на државата. Затоа СДСМ сака да се заборави на нив и да се бави со други теми, но попусто.

Народот гледа кој како делува и народот, кој СДСМ секогаш го потценува, го нарекува стока и стадо овци, ја доставува својата казна на правилна адреса веќе 10 години.

Народот не им верува на ефтините приказни од Бихаќка дека оваа влада не се трудеа околу подобрувањето на квалитетот на воздухот, посебно не кога тоа го зборува СДСМ кој со малото прсте не мрднал да се справува со овој проблем.

Напротив, СДСМ не го ни мереше загадувањето за да не може никој да каже дека има загадување.

За разлика од нив владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано и посветено работи на оваа проблематика, без оглед на тоа како ќе дувне ветерот на Бихаќка. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано истражува, анализира и презема конкретни мерки.

Меѓу последните конкретни мерки, Министерството за животна средина во соработка со владите на Финска и Австрија постави филтри на повеќе локации во Тетово и Скопје кои ќе стојат до крајот на февруари, по што ќе бидат испратени на хемиска анализа во овие земји.

Врз база на хемиски анализи во врвни лаборатории ќе се добијат најновите податоци за тоа кои се индикаторите на загадувањето на воздухот, со што ќе нема шпекулации околу загадувачите.

Претходно, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им препорача на сите правни субјекти во Градот Скопје и Општината Тетово да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лица над 60 годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60 годишна возраст со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), до 4 јануари.

Владата на Република Македонија во усвоените заклучоци на крајот на минатата година им препорача на Градот Скопје и oпштината Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата.

Владата го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до Министерот за животна средина и просторно планирање и до Министерот за здравство.

Владата им препорача на Градот Скопје и другите општини, преку овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори да вршат еднаш неделно контрола на инсталациите кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола само во делот на емисии во воздухот и имисии. Притоа, во рамки на контролите на територија на Градот Скопје и Општината Тетово, се даде препорака за редуцирана работа на индустриските капацитети во соодветната единица на локалната самоуправа.

Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да ги даде следните препораки до граѓаните:

-Граѓаните почесто да го користат јавниот превоз

-Граѓаните да не ги користат возилата без поголема потреба

-Граѓаните да ја рационализираат употребата на автомобили што подразбира, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време

-Да се почитуваат законските одредби во поглед на тоа да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал.

Истовремено, Владата на Република Македонија го задолжи Државниот инспекторат за животна средина да изврши контроли на сите автосервиси и доколку констатира неправилности при работењето од нивна надлежност да преземе соодветни мерки.

Владата на Република Македонија ја следи реализацијата на донесените заклучоци на крајот на минатата година и состојбата поврзана со загаденоста на воздухот.

Претходно, владата на ВМРО-ДПМНЕ го спроведе законот сите индустриски капацитети да ги осовременат своите технологии до 1-ви април 2014 година.

Оваа Влада и градоначалникот Трајановски изградија и проширија булевари во Скопје за побрз проток на сообраќајот. Оваа влада набави преку 300 нови автобуси кои 40 години не беа променети. Оваа влада направи проект за гасификација на цела Македонија и целосна гасификација на Скопје за што владата на СДСМ ниту размислуваше, па немаше изработено ниту проектна документација.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски направи проект за велосипедски патеки во должина од 50 километри кои веќе се во фаза на реализација. Се набавија електрични возила и мотоцикли. Се формираше комитет за здравје и животна средина. Се заменија котлите за греење на гас во Клинички центар и други здравствени домови и во поголем број училишта.

Во моментов се реализира проект за осовременување на лабораторијата за воздух и Министерството за здравство набави уште две мобилни мерни станици.

Акредитирана е и лабораторијата на универзитетот во Штип која ја мери и концентрацијата на ПМ честичките. Се распиша тендер за набавка на резервните делови на станиците. Се изработи и стратегија за животна средина и здравје со акциски план која е поддржана од Светската Здравствена Организација.

Ова се конкретни мерки и проекти, конкретна работа во насока на подобрување на квалитетот на воздухот.

СДСМ има само конкретни мерки и проекти во нивната индустриска зона за афери и провизии каде работат фабриките за афери на Заев, Чауш и Оливер, како и фабриката за евра на Вицето.

Затоа СДСМ не знае каде тера во моментов. Фабриката за смислување афери им се затвори, Чаушот е во ќелија. Спасовски ја скара СДСМ и со Германија со смешните тврдења за возачките дозволи. ЕУ поддржува избори на 24 април, исто како и САД.

На 24 април 10-ти пат по ред народот на Република Македонија ќе го казни ваквиот деструктивен, манипулаторски и штетен за Македонија СДСМ.