ВМРО-ДПМНЕ: Најавите на градоначалничкиот тандем неработници се ефтин популизам

Најавите дека градоначалничкиот тандем неработници ќе донесел некакви забрани за градба на територија која не е нивна ингеренција покрај тоа што е грубо мешање во работата на Град Скопје е само ефтин популизам со кој покажуваат неискреност на нивните намери и елементарно непознавање на законите од системот во кој се дел како градоначалници, велат од владејачката ВМРО – ДПМНЕ.

Интегрален текст од соопштението на ВМРО – ДПМНЕ:

Денеска градоначалниците на општините Центар и Струмица Андреј Жерновски и Зоран Заев, збратимени по докажаната неработливост, во недостиг на нивни идеи и проекти се занимаваат со тоа што е изградено и направено во Град Скопје.

Би сакале да им помогнеме и можеби да им дадеме некои идеи после кои од својот електорат нема да бидат запаметени по тоа што едниот се појавил во Струмица неколку пати кога требало да оди на суд, а вториот по тоа што молерисал една зграда, не успеал да изгради бензиска на местото на пазарчето Буњаковец и поплочил со калдрма една улица која ја нарекол Боемска.

Во Град Скопје секогаш имало јавни анкети во кои што и граѓаните и стручната јавност имале можност да го искажат своето мислење и став за градежните активности кои се преземаат и од доменот на нискоградбата и од доменот на високоградбата.

Впрочем, сите изградени објекти кои за нив се бескорисни и не биле во дослух со желбите на народот се по предлог и со потпис на образовани архитекти.

За дрво кое за жал морало да биде исечено во Скопје во рамките на предвидениот раст на еден град кој мора да се покрие со инфраструктурни решенија, се засадени стотици нови. Со бројки, на територијата на град Скопје се засадени 60.000 нови дрва и се целосно возобновени или подигнати нови над 100.000 м2 под зелена површина.

Улиците и булеварите се проширени за да овозможат подобро циркулирање на жителите на главниот град чиј број се зголемува заедно со бројот на моторни возила во Скопје. За да се одговори на овој раст, изградени се нови катни гаражи и целосно е возобновен возниот парк на ЈСП.

Единствениот вистински метеж на кој заложници беа жителите на Град Скопје, не само на општина Центар, беше метежот кој го предизвикуваа камперите на опозицијата повеќе од 40 дена на една од главните сообраќајни артерии на главниот град.

Околу програмата која тандемот на градоначалници неработници ја најави за Дебар Маало, би сакале да ги замолиме во истата да не го вклучуваат нивниот стручњак Мирослав Грчев кој еднаш веќе успеа да ја спроведе програмата за Дебар Маало и од него да направи „ремек дело“ кое ни наредните 5 градоначалници не можат да го поправат.

Кога Заев и Жерновски обвинуваат дека граѓаните не биле прашани за сечењето на дрвјата, граѓаните не беа директно прашани ни за садењето на 60-те илјади нови дрвја бидејќи тоа е работа на одговорните градоначалници кои си ја гледаат својата работа и мандатот кој им е доверен од граѓаните, наместо да ги заборават своите општини поради лични интереси или поради неспособност и да се мешаат во ингеренциите на нивните колеги.

Најавите дека овој градоначалнички тандем неработници ќе донесел некакви забрани за градба на територија која не е нивна ингеренција покрај тоа што е грубо мешање во работата на Град Скопје е само ефтин популизам со кој покажуваат неискреност на нивните намери и елементарно непознавање на законите од системот во кој се дел како градоначалници.

Доколку Андреј Жерновски го поканил Зоран Заев да биде визитинг градоначалник на општина Центар кој ќе зборува дека Скопје станувало проблематично место за живеење, една од првите одлуки може да му биде да плати 1 милион денари оштета кои Град Скопје ги потроши да го расчисти ѓубрето кое зад себе го оставија камперите на опозицијата пред Влада откако одлучија дека е доста со малтретирањето на жителите на Скопје. Штетата во потрошено време од животот која во меѓувреме им ја нанесоа на граѓаните на Скопје приморувајќи ги да патуваат од една до друга дестинација 3-4 пати подолго него вообичаено, никогаш нема да може да им ја надокнадат.

Доколку Зоран Заев го покани Андреј Жерновски да му ги асфалтира ветените неасфалтирани улици во Струмица и да ги изгради ветените и неизградени надземни пешачки премини во градот со кој раководи лидерот на СДСМ, немаме ништо против, иако оправдано се сомневаме имајќи го предвид покажаниот капацитет на Жерновски за проекти и реализација на територијата на општина Центар – досега Жерновски има најмногу реализирани проекти на тема „кукање и жалење дека некој го попречува во работата“, во што се многу слични со неговиот струмички побратим и содружник по неспособност.