ВМРО-ДПМНЕ: Наместо да работи на случајот во Љуботен, Спасовски тера тесно партиска агенда

Оливер Спасовски покажа колку не се грижи за граѓаните. Тој вчера наместо да работи на случајот кој ги вознемири граѓаните на Љуботен, но и целокупната македонска јавност со вандалскиот чин со уништување на гробиштата во ова село, си водеше политика и тераше тесно партиска агенда, изјави Дејан Митровски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

„Граѓаните и вчера не слушнаа дали и што презело МВР во насока на откривање на сторителите на сквернавењето на 30-тина православни гробови, што предизвика гнев и тензии меѓу населението. Народот е вознемирен и чека одговор на прашањето кому му сметаат православните гробишта“, рече Митровски.

Забележа дека со секој ден поминат на слобода вандалите се охрабруваат дека имаат поддршка од власта во тоа што го прават, а граѓаните стануваат сѐ позагрижени дека нема кој да ги заштити.

„Оливер Спасовски зема плата од граѓаните и не смее да го игнорира нивниот револт и загриженост. МВР на чело со Спасовски наместо сторителите да ги изведе пред лицето на правдата и да спречи повторување на делото, времето го троши на работи кои се сведуваат на рубрика од жолтиот печат“, додаде претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Митровски укажа дека со ваквата своја постапка Спасовски покажал дека нема намера да го води Министерството како сервис на граѓаните и да го штити редот и мирот на државата.

„Со оваа своја постапка МВР покажа дека се претворило во институција која спроведува партиски хирови наместо да брка сторители на криминал. Со оваа своја постапка само се засилува стравот дека чинот во Љуботен е осмислен акт со цел да се предизвика тензија која треба да ја дефокусира јавноста од политичките потези на власта во наредниот период а кои се од сериозно значење за идентитетот и опстојувањето на државата и народот“, рече Митровски.