ВМРО-ДПМНЕ: Наш приоритет е излегување од кризата преку одржување избори

ВМРО ДПМНЕ ниту се пазарела, ниту ќе се пазари кога се во прашање интересите на граѓаните и државата. Врвен интерес е излегување од кризата преку одржување на избори на кои граѓаните би одлучиле кому ќе му ја дадат довербата за да ја води Македонија. Ова е приоритет и на ВМРО ДПМНЕ, се вели во демантот испратен од владејачката партија за текстот на Плусинфо со наслов „ЕКСКЛУЗИВНО Груевски се пазари – ајде да ги одложиме изборите, ама аболицијата да остане?!“.

Во продолжение Ви го пренесуваме демантот на ВМРО-ДПМНЕ во целост

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира лагите изнесени на интернет порталот Плусинфо во текстот “ЕКСКЛУЗИВНО Груевски се пазари – ајде да ги одложиме изборите, ама аболицијата да остане?!”, кој подоцна беше превземен од други проопозициски портали.

За нас е разбирливо дека портал кој работи исклучиво по диктат на СДСМ ќе ги објавува само ставовите и желбите на Бихаќка. Сепак заради целокупната јавност должни сме да појасниме дека ништо од текстот не соодветствува со реалноста. Во посочениот текст станува збор повторно за пуста желба на СДСМ која Заев се срами да ја изусти па мора друг да ја напише. Зоран Заев е единствениот кој добива од пркинувањето на кривичните постапки. По втор пат.

Вистината е следна. ВМРО ДПМНЕ ниту се пазарела, ниту ќе се пазари кога се во прашање интересите на граѓаните и државата. Врвен интерес е излегување од кризата преку одржување на избори на кои граѓаните би одлучиле кому ќе му ја дадат довербата за да ја води Македонија. Ова е приоритет и на ВМРО ДПМНЕ. За жал, заради паничниот страв на СДСМ од немањето поддршка за нивните деструктивни политики, предвремените парламентарни избори еднаш веќе се откажаа. Со тоа СДСМ се промовираше во единствената опозициска партија во светот која бега и се плаши од избори.

Во однос на прекинувањето на кривичните постапки од страна на Претседателот Ѓорге Иванов, ставот на ВМРО ДПМНЕ е јасен, но ќе го повториме уште еднаш. Прекинувањето на постапките не е во согласност со политиките на партијата секој што сторил каков било криминал да одговара за тоа. Ставот на ВМРО ДПМНЕ беше ист и кога Зоран Заев беше аболициран пд Црвенковски за криминал тежок 8 милиони евра. Затоа ние сеуште го повикуваме Зоран Заев да побара поништување и на аболицијата од Црвенковски и да ги врати 8-те милиони евра за кои беше оштетена Република Македонија со криминалот во Глобал.

Затоа сосема е нелогично и неточно тврдењето дека ВМРО ДПМНЕ се пазарело со аболицијата. ВМРО ДПМНЕ беше првата партија која иницираше преку заедничко писмо да биде побарано Претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука.

Ве молиме, демантот да биде објавен во целост на ист простор на кој беше објавена непроверената и лажна вест, се вели во демантот.