ВМРО-ДПМНЕ: Некрофилската политика на СДСМ-најголем доказ за очајот во кој се наоѓа оваа партија

Некрофилската политика на СДСМ е најголем доказ за очајот во кој се наоѓа оваа партија, нејзиното комплетно раководство и фабрикантите на афери од Бихаќка, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Интегрален текст од соопштението:

Некрофилската политика на СДСМ е најголем доказ за очајот во кој се наоѓа оваа партија, нејзиното комплетно раководство и фабрикантите на афери од Бихаќка.

За СДСМ човечките судбини се само уште една прилика за лажирање бројки и пумпање на измислените црни статистики преку кои залудно се обидува да дојде до некој ситен политички поен. Дегутантно и срамно.

За СДСМ манипулациите со бројките за смртност кај доенчињата се добра прилика за политички профит. СДСМ во ист напад на црнило не ги ни осуди луѓето кои пукаа во докторите во медицинскиот центар во Скопје, туку ги нарече „незадоволни пациенти“.

Поради манипулациите и измислиците на некрофилите од СДСМ, само за споредба, јавноста треба да ги знае овие официјални бројки: во 2004 година во првиот квартал имало 68 починати доенчиња (за 10% повеќе во споредба со годинава), во 2005 година во првиот квартал имало 83 починати доенчиња (26.5% повеќе), а во 2006 година имало 67 починати доенчиња (9% повеќе во споредба со оваа година).

Овие бројки јасно покажуваат дека доенечката смртност во Македонија се намалува, а доказ за тоа се и прелиминарните податоци од Заводот за мајки и деца, при ЗД Скопје за 2015 година, според кои стапката на доенечка смртност во 2015 година бележи значително намалување и изнесува 8.5 на 1000 живородени. Само за споредба, во 2014 година стапката изнесуваше 9.9 на 1.000 живородени, а во 2004 година  изнесуваше 13,2.

Доенечката смртност како појава не може да се анализира само на квартално ниво, туку се анализира на годишно ниво, за да се добие веродостоен и валиден податок.

СДСМ ги премолчува овие трендови бидејќи во нивните напади на некрофилизам за нив човечкиот живот е само бројка и можност како преку него да се дојде до политички поен плус. ВМРО-ДПМНЕ не се фали со намалувањето на смртноста кај доенчињата бидејќи нашата цел е оваа бројка во континуитет да се намалува и за таа цел работиме постојано и фокусирано.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постојано вложува во набавка на нова современа опрема, зајакнување на кадарот во породилиштата, како и со проектот за едукација и специјализација на постојниот кадар, со чија имплементација се работи на долгорочно намалување на стапката на доенечка смртност. Во завршна фаза е постапката за набавка на најсовремена медицинска опрема за одделите за неонатологија, дел од апаратите се веќе испорачани, а вкупната вредност на набавката изнесува околу 50 милиони денари.

Овозможено е сите прегледи за безбедна бременост да бидат бесплатни за сите жени, без разлика дали жената е здравствено осигурана или не. Патронажните служби во рамки на проектот Домашна визита посебно се фокусирани на бремени жени од социјално ранливите групи и бремени жени со понизок степен на образование.

Сите бремени жени во државата од минатата гoдина добиваат бесплатни таблети фолна киселина и јод заради правилен развој на плодот и намалување на ризикот од натамошни здравствени нарушувања на новороденчињата. Изготвена e електронска мајчина книшка, со цел прецизно следење и контрола на бременоста во целиот нејзин тек и заштита на здравјето на мајката и новороденчето и дистрибуција на брошура за бремени жени.

Формиран е Центар за хумана репродукција и во моментот се подготвува посебен софтвер за електронско водење податоци од сите породувања, а посебно за смртност на новороденчиња.

ВМРО-ДПМНЕ се занимава со вложување во подобра здравствена заштита на мајките и децата, а не со некрофилска политика и подли нечовечки обиди да се злоупотребат лични судбини за нечија дневнополитичка агенда.

Затоа граѓаните го држат вирусот СДСМ подалеку од државата веќе 11-та година.