ВМРО – ДПМНЕ: Нема бегање од избори и од соочување со граѓаните

Нема бегање од избори и од соочување со граѓаните. СДСМ ќе мора во април да се соочат со граѓаните и повторно ќе го слушнат нивниот одговор, се вели во соопштението што денес владејачката ВМРО – ДПМНЕ го упати во јавноста.

Во продолжение интегрален текст од соопштението на ВМРО – ДПМНЕ:

Огромен труд и знаење вложи ВМРО-ДПМНЕ за Република Македонија да ја добие препораката. Таа беше најголем успех не само за нас, туку за граѓаните и за државата. Знаеме колку боли кога некој прави обиди да ги сруши сите успеси во обид да се приграби ситна, лична политичка корист.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш на врвот на приоритетите ги имало интересите на Република Македонија и нејзините граѓани. Знаеме дека СДСМ не чувствува никаква одговорност, ниту кон овој свет ден за сите Македонци, ниту кон препораката или кон се што е постигнато изминативе 10 години.

Може преку своите први луѓе да продолжат да пласираат тези за Премиер Албанец или албански за сите деца уште во градинка, но тоа нема да помине. Нема да поминат уцените.

Ќе мора во април да се соочат со граѓаните и повторно ќе го слушнат нивниот одговор.