ВМРО-ДПМНЕ: Неоправдано е Заев да прифати да насели 150.000 мигранти

СДСМ и Зоран Заев треба на граѓаните јавно да им соопштат каде планираат да ги вдомат и вработат 150.000 мигранти за кои прифатиле обврска да ги населат во Република Македонија, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

„Зоран Заев и Мила Царовска наместо да се кријат зад бледи соопштенија и да ги блокираат референдумите за изјаснување за трајното населување на мигрантите, кои ги иницираа граѓаните, треба храбро да излезат и да соопштат зошто преку државниот инспекторат за локална самоуправа кој е владина институција го забранија оваа демократско право на граѓаните“, истакнуваат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ воедно прашуваат зошто доколку од СДСМ мислат дека трајното населување на мигранти е исправна владина одлука и стратегија, не дозволија на граѓаните преку референдум, кој ќе биде организиран заедно со локалните избори, да кажат што мислат за ваквото, како што велат од партијата, погубно решение на владата.

„СДСМ, Зоран Заев и Мила Царовска не смеат да се затскриваат зад одлуката на инспекторат за локална самоуправа со кој се забранија референдумите околу населување на мигрантите. Трајното населување на преку 150.000 мигранти ќе има далекусежни последици врз и онака кревката македонската економија, но првенствено ќе се одрази на стапката на невработеност во Република Македонија која иако е намалена сепак е натаму е висока“, предупредува соопштението.

Во него се објаснува дека со населувањето на мигрантите во Република Македонија ќе се створи вишок на работна сила за некои дејности во индустријата, каде миграните поради сложената економска состојба во која се наоѓаат, ќе прифаќаат да работат под реалната цена на трудот во земјата, а со тоа, како што велат од партијата, работодавачите ќе ги намалат платите за вработените, затоа што во секој момент ќе има некој кој е подготвен да работи за помалку пари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.