ВМРО-ДПМНЕ: Никој не верува во професионалноста на Јанева и СЈО

Катица Јанева и Специјалното јавно обвинителство се претворија во карикатура, заради понизноста во извршувањето на политичките нарачки. Никој веќе не верува во нивната професионалност и неселективност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Јасно е дека Зоран Заев и СДСМ се исплашени од реакциите на јавноста во врска со насилничкото носење на законот за двојазичност и срамното лицитирање со националните интереси во преговорите со соседна Република Грција. Во ситуација кога економијата е пред колапс, а владата на Заев е целосно неспособна да ги испорача ветувањата со кои ги манипулираа граѓаните, сосем е очекувано повторно да се активира СЈО чиј мандат за отворање истраги и обвиненија истече уште во јуни минатата година“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Велат дека Јанева и СЈО продолжуваат политички да конструираат случаи без никаква правна основа.

„Јавноста мора да биде дефокусирана од целиот хаос што се случува во државата. Затоа се отвораат случаи за договори потпишани од Амбасадорот на ЕУ во Скопје или закони изгласани во Собранието. Паниката во која што се наоѓа СДСМ не може да биде оправдување за несериозното и незаконско постапување. Правната држава ќе се врати откако ќе си замине оваа неспособна власт“, додаваат од опозицската партија.