Македонија

ВМРО – ДПМНЕ: Ниту СДСМ ќе дојде на власт, ниту нивните членови ќе може да си ги остварат заканите

ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на притисоците кои членови и активисти на СДСМ ги прават кон граѓаните кои не сакаат и одбиваат да учествуваат на најавениот насилен протест на опозицијата во Скопје. Ова се нагласува во соопштението што денеска владејачката партија го упати до јавноста.

„До ВМРО-ДПМНЕ стигнаа информации дека поранешни директори и функционери на СДСМ по список се закануваат на сите вработени во државната и јавна администрација, посебно до оние кои се вработени во периодот на владеење на нивната партија, дека доколку не се појават на насилните протести на СДСМ, ќе бидат избркани од работа веднаш после доаѓањето на СДСМ на власт. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повторува дека нема да дозволи со закани, насилство, притисоци и уцени да се спроведува погубното сценарио за Македонија“, се вели во соопштението.

Од ВМРО – ДПМНЕ упатуваат јасна порака на сите граѓани кои добиле вакви и слични закани воопшто да не се грижат.

„ Ниту СДСМ ќе дојде на власт, ниту нивните членови ќе може да си ги остварат заканите. Како и многу пати до сега, ќе бидат збунети и попарени од фактот дека за нивната политика граѓаните на Македонија не даваат поддршка. ВМРО-ДПМНЕ води евиденција за сите вакви случаи и ќе побара од државните институции да постапат како по предмети за нарушување на основните човекови политички права“, велат од владејачката партија.