ВМРО-ДПМНЕ: Нови предвремени парламентарни избори – решение за излез од политичката криза

Зоран Заев во обид да се спаси себе си и својата криминална дружина кои се потонати до гуша во криминал е спремен во целост да ја реализира Тиранската Платформа и со тоа да ја редефинира Република Македонија, стои во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително секој ден, како што се наведува во соопштението, гледаме како полицијата апси трговци со дрога, лица кои се дел од неговото потесно опкружување и со кои тој работел во кампања. – Затоа Зоран Заев е избезумен и е спремен на се само да дојде до власт во надеж дека така ќе се спаси од криминален прогон.  За да се спаси себе и екипата околу себе, Заев ја прифати Тиранската Платформа, која во целост е неуставна. Со неа се пропишува целосна двојазичност и промена на името по грчки терк, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тиранската Платформа, како што истакнуваат од партијата, го загрозува и поништува мултиетничкиот и унитарен карактер на државата, а со нејзина реализација Заев го прави првиот чекор кон федерализација на Република Македонија што ќе значи дефинитивен нејзин распад.

Затоа за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива ваквата Тиранска Платформа и ја отфрли уште во текот на преговори. За ВМРО-ДПМНЕ ова е дрзок и подмолен обид да се изврши притисок врз Република Македонија за промена на името спакуван во уцена преку Тирана, истакнуваат во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.