четврток, 27 јули 2017  |  Вести денес: 0

ВМРО-ДПМНЕ: Новиот Универзитет ќе го зголеми квалитетот на високото образование

vmro-dpmne-2

Последни вести

На вчерашното прво продолжение на 107-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија на дневен ред се најде точката која се однесуваше на Предлог – законот за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев” во Скопје.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на оваа седница ја изгласа и даде зелено светло за одлуката за основање на нов Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека со основањето на новиот државен Универзитет ќе се задоволат потребите од високо стручни кадри од полето на националната одбрана, безбедност и мир и истовремено ќе се создаваат квалитетни кадри за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во моменти кога нашата држава се соочува со бројни предизвици.

Во продолжение Ви го пренесуваме соопштението 

Имено, преку основањето на овој нов Универзитет во Скопје ќе се овозможи отворање на 11 нови факултети како што се:

  • Воена академија за копнена војска “Генерал Михаи¬ло Апостолски”;
  • Воздухопловна академија “8-ми Септември”;
  • Факултет за безбедност “Никола Петров Русински”;
  • Mедицински факултет “Др. Христо Татарчев”;
  • Факултет за мировни студии и кризен менаџмент “Пере Тошев”;
  • Правен факултет “Павел Шатев”;
  • Институт за командни и штабни функции и лидерство “Тодор Александров”;
  • Институт за информатички технологии и сајбер безбедност“23 Октомври”;
  • Економски факултет“Борис Сарафов”;
  • Градежен факултет “Методија Шаторов Шарло”и
  • Архитектонски факултет “Методија Андонов Ченто”.

Факултетите кои што ќе бидат во состав на Универзитетот „Дамјан Груев“ ќе вршат високообразовна и научно-истражувачка дејност, како и организирање на различни програми на стручно односно професионално усовршување на студентите.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партнери се особено горди бидејќи со основањето на Универзитетот за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“ дополнително ќе се зголеми понудата и изборот за студирање и усовршување на студентите. Сметаме дека основањето на ваква нова високообразовна институција дополнително ќе го подобри и ќе го зголеми квалитетот на високото образование во Република Македонија, но истовремено сметаме и дека на овој начин ќе се придонесе за поголема пристапност и можност за студирање и надградување на секој млад човек од кој што најголем бенефит ќе има токму Република Македонија.

Студентите кои што ќе се запишат на Универзитетот „Дамјан Груев“ ќе имаат можност да се стекнат со образование од прв циклус на студии за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија кои што задолжително ќе се организираат само како редовни студии. За студентите кои ќе го завршат првиот циклус на студии, факултетите во состав на овој Универзитет ќе нудат и втор цуклус на студии за доусовршување на кадрите, кои ќе бидат организирани како академски универзитетски студии и како специјалистички стручни студии.

Универзитетот за национална одбрана, безбедност и мир се очекува да започне со работа во студиската 2016/2017 година односно по целосното спроведување на постапката за основање, утврдена со Законот за високо образование.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ смета дека основањето на нов Универзитет во Република Македонија може само позитивно да влијае врз реформите во високото образование и оттука никако не можеме да ја разбереме потребата на СДСМ жестоко и упорно да се спротивставува на одлуката за основање на една нова високообразовна институција која што ќе ја зголеми конкуренцијата во високото образование, а со самото тоа ќе го подобри и квалитетот на високото образование во Република Македонија.

Основањето на Универзитетот „Дамјан Груев“ претставува уште еден од многуте позитивни реформски процеси во високото образование, за кои што ние како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ секогаш сме се бореле и ќе се бориме во иднина, се со цел да излеземе во пресрет на потребите и барањата на студентите и сите млади луѓе кои што имаат желба да го надградуваат и усовршуваат своето знаење, стои во соопштението.

 

Најчитани вести