ВМРО-ДПМНЕ обвинува за партиски реваншизам и брутален политички притисок

Хунтата на власт управувана од СДС спроведува класичен партиски реваншизам и брутален политички притисок. СДС го злоупотребува судството за креирање на неосновани обвиненија за наводен тероризам против искрени патриоти, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Сите институции се ставени под партиската чизма, а во функција на реваншизмот кој се спроведува. Институциите наместо да го спроведуваат законот, ги спроведуваат партиските наредби. Партиското судство врши нарачан удар врз сите слободномислечки Македонци, кои и кажаа не на Тиранската платформа. Законите се деградирани, а правната држава не постои. Контролираното судство од СДС одобрува нарачани притвори за луѓе без основни елементи на кривичното дело кое им се става на товар, а повторува предмети како „Монструм“, каде беа убиени 5 момчиња, а се најавува меѓународна истрага за терористите од „Диво Насеље“ кои убија 8 припадници на македонската полиција, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта става во затвор уметници, актери, режисери и луѓе кои целиот свој работен век го посветиле на одбрана на државата, додека во исто време изготвува закон за амнестија на над 1.000 затвореници, извршители на тешки кривични дела.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да протестира и да ги блокира крстосниците низ град Скопје се додека трае овој атак врз Македонија, најавуваат од партијата.