ВМРО – ДПМНЕ: Оценките на СДСМ за филмската дејност се крајно тендециозни

Оценките на СДСМ за Законот за филмска дејност се паушални, неосновани и крајно тендециозни. СДСМ ја политизира културата и ги дискредитира законските решенија кои се единствено во функција на уметниците и нивните уметнички потенцијали и натамошен развој на филмската дејност, стои во реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ на денешното соопштение од СДСМ.

„Ја разбираме нивната нервоза и нивното несогласување со законско нормирање на филмската дејност, со оглед на тоа што во времето на СДСМ, средства за наменети за филмската дејност се распределуваа крајно нетранспарентно, без закон, без конкурс и беа разгледувани и одобрувани од страна на комисии делегирани од СДСМ. Доволен показател за грижата на СДСМ за филмската дејност во Македонија е фактот дека во време на нивното владеење сите кина во Македонија беа затворени, а филмска продукција речиси и да немаше“, се вели во реакцијата.

Со новиот Законот за филмска дејност, донесен во мај 2013 година, се подвлекува, правната регулатива во сферата на филмот се усогласи со европските практики. Со Законот е предвидено и воведување на правото на поврат на средства во износ од 20 проценти од реалните бруто-трошоци направени за квалификуваните услуги за реализација на филмски односно телевизиски проект во Република Македонија. Оваа можност, се потсетува, можат да ја користат странски филмски продуценти кои ќе вложат средства за реализација на филмски односно телевизиски проект во Република Македонија.

„Во Агенцијата за филм главниот дел во финансирањето ќе биде од државниот Буџет, а сите средства со кои ќе располага агенцијата ќе бидат вложувани во развој на дејноста и во зголемување на содржиите преку играни и документарни филмови, развојна програма за едуцирање на младата публика и филмови за најмладите. На крај целата филмска продукција која се финансира од страна на државата е наменета за публиката“, се појаснува во реакцијата.

Со имплементацијата на Законот за филмска дејност, оценуваат во ВМРО – ДПМНЕ, ќе се придонесе кон стабилно и сигурно финансирање на филмската дејност, што ќе резултира со зголемено производство на квалитетни филмови. Со овој закон се поставува основа за поголема соработка на филмските продукции и телевизиите, а со само малку креативност ќе произлезат идеи за заеднички бенефит.

ВМРО-ДПМНЕ, се потенцира, покажа во изминатиот период, како треба да се почитуваат културните и уметничките вредности, како треба да се почитуваат уметниците, да се валоризира нивниот труд и да се дава огромна поддршка за унапредување и успешно промовирање на нивната дејност и резултати, дома и во странство.

„Првпат од независноста, филмската дејност е високо позиционирана во агендата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во периодот од независноста на Македонија во 1991 до 2007 година кога започна со работа Филмскиот фонд на Македонија реализирани се вкупно 61, а од 2008 до 2013 поддржани се вкупно 130 филмски проекти од кои 42 долгометражни филмови, 42 документарни, 34 краткометражни и 12 анимирани филмови“, стои во реакцијата и се додава дека македонската кинематографија репрезентативно и достоинствено беше претставена на повеќе од 500 филмски фестивали во светот и имаат повеќе од 100 награди и признанија

„СДСМ кога имаше можност да направи нешто за македонската култура, не направи буквално ништо. Доколку нема конструктивни предлози, препорачуваме да не ги злоупотребува, бидејќи македонските уметници тоа не го заслужуваат“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.